Со свечена академија во Охрид одбележани 82 години од ослободувањето на градот

Култура Општо Охрид

Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, вчеравечер се одржа свечена академија по повод 7 Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид, со која беше оддадена почит на борците и хероите кои ги положија своите животи за слободата на градот.

По повод 82-годишнината од ослободувањето на Охрид, градоначалникот Кирил Пецаков упати порака за значењето на слободата, зачувувањето на историското наследство и одговорноста на сегашните генерации кон иднината на градот.

„Пред 82 години, на 7-ми Ноември, охриѓани повторно ја добија можноста да живеат слободно, а со тоа се роди и надежта за подобра и посветла иднина. Нивното дело е наш аманет, а нивната жртва наша трајна обврска“, истакна Пецаков.

Тој нагласи дека слободата се чува со мудрост, одговорност и единство, посочувајќи дека 7 Ноември не треба да биде само ден на сеќавање, туку и повод за преиспитување на одговорноста кон градот, државата и идните генерации.

Според градоначалникот, љубовта кон Охрид треба да се потврдува преку конкретни дела, грижа за културното и природното богатство, подобрување на условите за живот и одговорно управување со ресурсите.

Пецаков ја истакна и визијата Охрид да се развива како град на можности, напредок и просперитет, во кој младите ќе ја гледаат својата иднина.

„Верувам дека со заедништво, работа и искрена посветеност можеме да оставиме вредни дела. Нашата визија е Охрид да биде град на можности, напредок и просперитет, град во кој младите ќе гледаат својата иднина, а секоја генерација ќе има причина да остане, да создава и да придонесува за неговиот развој“, порача градоначалникот.

На крајот, Пецаков упати честитка по повод празникот, оддавајќи почит на хероите кои се бореа за ослободувањето на градот.

„Нека ни е честит 7-ми Ноември, нека им е вечна слава на хероите, нека е вечен нашиот Охрид и нека е вечна Македонија!“, порача Пецаков.

Извор: Фејсбук-објава на Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид.

https://www.facebook.com/share/p/1BHUGpiG6z/

Please follow and like us: