Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, најостро го осуди насилниот инцидент што ја вознемири охридската јавност, повикувајќи ги надлежните институции брзо, ефикасно и правично да постапат.
Во својата објава на Фејсбук, Пецаков истакна дека ваквите настани не се одлика на Охрид и дека насилството не смее да има место во општеството.
„Најостро го осудувам насилниот настан што го потресе Охрид во текот на вчерашниот ден. Како личност и како градоначалник згрозен сум, Охрид е згрозен! Вакви немили настани не се одлика на Охрид и не смеат да се случуваат во Охрид. Ги повикувам надлежните институции брзо, ефикасно и правично да постапат. Јавно се оградувам и стојам на страната на правдата и Законот. Насилство не е решение!“, напиша Пецаков.
Градоначалникот во својата реакција се осврна и на потребата од промени во законската регулатива, оценувајќи дека зачестените случаи на насилство укажуваат на неопходноста од поинаков пристап кон сторителите.
„Сите насилни случаеви од овој карактер во изминатиов период ни укажуваат дека најитно ни е потребна промена во Законот за постапувањето и третирањето на насилниците на поинаков начин“, додаде Пецаков.
Неговата реакција следува по насилниот инцидент во Охрид, кој предизвика бројни реакции во јавноста и повици за соодветно постапување на надлежните институции.
https://www.facebook.com/share/p/18WaFLrdnK/

