Охридската библиотека со поддршка за студентите од Државниот студентски дом „Никола Карев“

Култура Општо Охрид

По повод патрониот празник на Државниот студентски дом „Никола Карев“, вчера делегација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, предводена од директорката Христина Трпеска, го посети Домот, кој моментално е сместен во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Неодамна двете установи потпишаа Меморандум за соработка, врз основа на кој на директорката на Домот, Милена Стојановска, ѝ беа доделени 82 бесплатни годишни членства за студентите – станари, како и можност тие бесплатно да ја користат читалницата на Библиотеката.

Во рамките на соработката, Библиотеката донираше и 30 столни ламби за студентските соби.

На вработените во Студентскиот дом, библиотекарката Сања Лазареска и советникот за административни, општи и правни работи и човечки ресурси Илија Џајкоски им подарија книги и промотивен материјал во издание на Библиотеката.

На средбата присуствуваше и Марија Ораческа, директорка на Отворениот граѓански универзитет „Кузман Шапкарев“, која, во чест на патрониот празник на Домот, заедно со Општина Охрид им понуди на студентите бесплатни курсеви, согласно со календарот за работа на Универзитетот за 2027 година.

НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид и со оваа активност ја потврдува својата посветеност на поддршката на младите, поттикнувањето на образованието и градењето партнерства со институциите во локалната заедница.

Please follow and like us: