Од Македонија ќе остане пустош, ни се случува егзодус

Македонија Охрид

Резултатите од пописот ни удрија шлаканица во лице, а статистиката со која се соочуваме секоја година е повеќе од загрижувачка. Но, ниту едното, ниту другото, не го запалија алармот дека Македонија се наоѓа пред демографска катастрофа. А податоците кои ни се пласираат треба да направат алармот да вришти, да нè потресе.

Кои се причините за масовното иселување на македонските граѓани? Зошто цели семејства купуваат билети за во еден правец, во торби се пакуваат и заминуваат што подалеку од оваа држава? Какви последици остава масовното иселување и што останува кога илјадници наши сограѓани нè напуштаат?

КУРИР прави анализа и носи одговор на овие прашања. Одговор кој не смее да се игнорира.

Секој ќе рече дека битката по подобра егзистенција е патоказот кој го има пред себе секој Македонец кој тргнува да стане жител на Германија, Белгија, Австралија, Шведска…

За ПАРИ се вели дека од свои заминале да станат туѓи, бидејќи тука работат за да преживеат од 1-ви месецов, до првиот ден од следниот месец. Работи народот секој ден за да плати сметки и да купи храна за дома. И не останува за ништо друго. Тоа е реалноста од која нема бегање и за која се зборува како прва точка на списокот работи кои се причини за иселување.

Но, немаштијата е само една причина. Ајде да зборуваме не само за економија, туку и за здравство, социјална политика, образование, можности за напредок, сите редови во кои чекаме секој ден…

Споредбата на резултатите од двата последни пописи (2002-ра и 2021-ва година) покажува дека над 150 000 млади луѓе се иселиле од Македонија во последните две децении.

Во 2002-ра година во Македонија имало вкупно 754.261 лице на возраст од 0-29 години. Тие луѓе, во новиот попис треба да бидат во следната старосна категорија од 29-49 години. Но, нивниот број денес се намалил на 601.492.

Во оваа старосна група, смртноста е мала, што значи дека разликата од 152.832, е број на лица кои ја напуштиле државата.

Демографската слика покажува поразителни податоци и кај истата старосна група споредена тогаш и сега. За разлика од 2002-ра година кога во Македонија имало 764.251 млади до 29 години, денес нивниот број е 638.000. Тоа е алармантно намалување за  126.171 лице.

Тие млади луѓе не заминуваат сами. Ги земаат своите семејства и заедно ја напуштаат Македонија. Имаме помали групи во градинките, помалкубројни одделенија, намален број на запишани средношколци и студенти. Губиме работоспособно население, драстично намален наталитет.

Децата не сфаќаат зошто нивните другарчиња ги напуштаат засекогаш. Родители остануваат во солзи кога нивните, веќе возрасни, деца им соопштуваат дека ќе живеат илјадници километри подалеку. Огромни друштва се распаднати, заминува пар по пар, па останавме непар.

Идејата да се направи овој голем чекор најчесто доаѓа за време на почеток високото образование или по формирањето на семејства.

По завршување на средното училиште, студентите ги разгледуваат опциите за продолжување на учењето. Да живеат во држава каде не се цени вложувањето во себе и знаењето или да се замине онаму каде образованието е напредно и квалитетно и каде по степен на образование добиваат вработување и голема плата?

По добивањето на дете, доаѓа соочувањето со реалноста и минимум условите кои ги имаме тука. Кога младите родители носат одлука да се иселат, пред сè мислат за иднината на своето дете.  Да фаќаат врски за место во градинка, да го лекуваат детето приватно бидејќи државно нема термин, да купуваат филтри и прочистувачи за воздух поради загаденоста, детето да им посетува настава без учебници… се само дел од реалноста со која се соочуваат.

Си заминуваат и доктори, мајстори, компјутерски експерти, наставници, готвачи, шофери… Вработени и невработени, високо образовани или со средно образование. Си заминуваат секој ден.

Целиот текст прочитајте го ТУКА

Please follow and like us: