Отворено писмо: Криминал и беззаконие во Национален парк Галичица

Охрид

До редакцијата на ОХРИД 24 пристигна отворено писмо до јавноста од жители на селата кои гравитираат во поранешната Галичка општина, а се однесува на незаконското работење на вработен во ЈУНП Галичица. Истото ви го пренесуваме во целост:

„Како месно население од селата на некогашната Галичка Општина, кои се во границите на Националниот парк Галичица, низ изминативе години повеќе пати пријавувавме и известувавме до надлежните институции за беззаконието и криминалот направени од страна на шумочуварот К.С. вработен во ЈУНП Галичица.

Во продолжение ќе ви споменеме дел од неговите криминални дејствија:

  1. Шумочуварот К.С. наместо да се грижи за НП Галичица и да ги спроведува своите работни задачи, истиот во изминативе околу десет години си купи стадо од околу 100 крави, при тоа на неколку места бесправно изгради штали, постави огромна цистерна кај м.в. Корита, при тоа бесправно земајќи ја водата од изворот Корита што претставува кривично дело, по патот за Галичица, кај м.в. Баба, бесправно има поставено дваесетина кади, пластични и метални цистерни, при тоа уништувајќи ги нашите посеви и шуми, но и шумите од НП Галичица. За сите овие досегашни негови нелегални активности ништо не е преземено од надлежните служби.
  2. Во февруари 2023 година МВР-СВР Охрид според нивниот билтен му поднела кривична пријава на горенаведениот К.С. за пустошење на 377 стебла во државна шума, но од ОЈО Охрид се’ уште нема никаква истрага. Овој криминал го пријавиле вработените во установата, а воедно установата му изрекла дисциплинска казна, но управниот одбор при ЈУНП Галичица на чело со внатрешни членови вработени во установата му ја поништиле казната спротивно на законските одредби, многу веројатно за лични интереси.
  3. Во моментов, според наши сознанија, МВР-СВР Охрид има отворено нова истрага за К.С. сомневајќи се дека во 2020 година кај м.в. Јадера, во атар на село Трпејца, извршил самоволно бесправна сеча на стотици кубици дрва и со фалсификувани Каса-Прими ги продавал по поголема цена по селата Трпејца, Пештани, Љубаништа, при тоа присвојувајќи огромна количина на парични средства.
  4. Како награда за овој долгогодишен непоправлив криминалец кој очигледно е навикнат да ги чува рацете во медот, експресно му го вработија и неговиот син иако немаше исполнето ниеден услов на огласот, за разлика од другите кандидати, но со огромен притисок од политички моќници од Охрид и Скопје, потпомогнат од двајца вработени во ЈУНПГ и членови на УО при ЈУНПГ, истиот се вработи. Со овој чин наместо казна за сторениот криминал, се награди криминало па така сега таткото и синчето се тим кој победува и не се менува.

За крај, уште еднаш ќе потенцираме дека ова лице е недопирливо за законот затоа што потпомага криминални дејствија на одредени политички моќници од различни политички партии како и високи функционери, да вршат незаконит лов и шверц низ изминативе години низ границите на Националниот парк Галичица“.

Дознаваме дека од страна на жителите поднесена е и пријава до ОЈО Охрид за наведените дела. Исто така до редакцијата на ОХРИД 24 пристигна и дел од доказната докиментација која во моментов во интерес на истрагата нема да ја објавиме.

Please follow and like us:
Tagged