Денес се празнуваат Св. 7 мч-ци Макавејски (Богородичен пост)

Македонија Охрид Регион

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска се празнуваат Св. седум маченици Макавеи, нивната мајка Соломонија и свештеникот Елеазар.

Сите овие пострадаа околу 180 година за чистотата на израелската вера во едниот Бог, на која беше удрил царот Антиох Епифан. Тој беше наредил по закана со смрт на сите граѓани на Ерусалим да јадат свинско месо, како очигледен знак дека се откажале од верата на своите татковци. Свети Елеазар се противстави на оваа насилничка заповед на царот, па поради тоа беше погубен. Исто така и седумте браќа, наречени Макавеи, заедно со мајка им, беа поведени во Антиохија. А таму Антиох ги мачеше и убиваше еден по еден пред очите на мајка им Соломонија. Кога последниот беше фрлен во оган и самата Соломонија го направи истото.

Во народот празникот Макавеи се држи како тежок празник. Во некои места се смета дека овие празнични денови се шест, во други дванаесет. Во цела Македонија според тоа какво ќе биде времето во текот на овие денови се прогнозира времето за следните шест месеци (зимскиот период) или за целата година.

За православните христијански верници од денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица.

Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.

Овие пости не се толку строги како Великиот, но се построги од Петровденскиот и Божикниот пост. Црковниот типик пропишува од понеделник до петок храна без масло, а во саботите и неделите се дозволува вино и масло.

По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, односно секоја година започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август), а завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август).

Please follow and like us:
Tagged