Одбележани 79 години слободен Охрид

Охрид

Со пригодна свеченост, денес во Младинскиот центар беа одбележани 79 години од ослободувањето на Охрид. На свеченоста организирана од Општина Охрид и ОО Сојуз на борци од Охрид и Дебрца, во името на локалната самоуправа се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.

– Благослов е да се живее во слобода. Тој благослов пред 79 години ни го подарија најхрабрите и најдобрите македонски синови, учесници во големата Народно ослободителна борба и дозволете ми во оваа прилика во името на Општина Охрид и во свое лично име,  да искажам неизмерна благодарност кон сите учесници во Народно ослободителната војна, а посебно кон оние херои кои пред 79 години, на Охрид конечно  му ја подарија слободата.

Денес 79 години потоа, жртвата на нашите херои не обврзува, да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието. Ако идеалот на нашите илинденци и партизани беше национална слобода, денес слободата во Македонија треба да се освојува во секој сегмент од живеењето и работењето за секој граѓанин. Верувам дека ние како генерација успешно се справуваме со овој предизвик, а со тоа се ставаме на страната на демократските и просперитетни државни заедници. Исто така, уверена сум дека како локална власт ги правиме најдобрите чекори за развој на Охрид и негово уште поцврсто етаблирање на мапата на најпрепознатливи светски дестинации – истакна во своето обраќање градоначалникот Пецаков.

Во името на ОО на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца се обрати претседателот Гоце Ѓоргиевски.

Свеченоста беше збогатена со културно уметничка програма и фото изложба со мотиви од Охрид.

Во рамки на чествувањата во СРЦ „Билјанини извори“ се одржа свеченa приредба по повод јубилејот 60 години од основањето на ЈОУДГ „Јасна Ристеска” и седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче”.

Please follow and like us: