Охрид домаќин на меѓународна конференција и конгрес за физичко образование

Охрид

Од денеска до недела, Охрид ќе биде домаќин 18-от Европски  Конгрес FIEPS Europa и 6-та Научна конференција RPESH. Меѓународниот академски настан е во организација на Факултетот за Физичко образование, спорт и здравје во соработка со Европската федерација на спортски педагози.

На официјалното отворање на овој важен научен собир, учесниците ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков.

Obrazovanie_Metropol_31052024009

– Како поранешен спортист, голем поддржувач на спортот и како градоначалник на Охрид, особено сум горд што нашиот град е домаќин на една ваков голем научен собир од областа на физичкото образование, спортот и рекреацијата.

Почестени сме што имаме можност да ги угостиме сите врвни спортски педагози и експерти, кои се тука за да ги споделат последните научни достигнувања, со фокус на физичкото образование. Се надевам дека во текот на следните три дена, од овде ќе произлезат значајни истражувања, податоци и научни заклучоци за актуелните предизвици, како и насоки за изнаоѓање на соодветни решенија.

Во денешниот свет кој се менува со голема брзина и каде што доминира технологијата, физичкото образование и спортот добиваат една клучна улога во развивање на децата и младите индивидуи.

Затоа, треба сите заедно да придонесеме за поголема застапеност за часовите по физичко образование во рамки на наставните програми, да стимулираме развој на училишни спортски лиги, да ги поддржуваме локалните спортски клубови, младите спортисти и да инвестираме во спортската инфраструктура.

Секако, тука е и континуираната поддршката на различни спортски манифестации и креирање на нови спортски содржини. Во таа насока нашиот град веќе прераснува во еден позитивен пример за поширокиот регион, бидејќи започнавме навистина сериозно да работиме на неколку важни проекти за промоција на спортот.

Особено е значајно, тоа што во овие активности успеавме да обединиме многу спортски чинители, го привлековме вниманието на меѓународната спортска јавност и секако дадовме еден позитивен стимул и на туристичкиот сектор.

Почитувани,

Охрид е скапоцен бисер не само за Македонија, туку и за целиот свет, па затоа неговото природно и културно богатство е под закрила на УНЕСКО. Ова место е една жива разгледница, а вистинска привилегија е можноста да се доживеат сите негови убавини. Како гостопривливи домаќини Ве покануваме, вашиот престој тука да го искористите за посета на впечатливите културни знаменитости и да уживате во сите природни богатства, истакна Пецаков.

На свеченото отворање на конференцијата обраќање имаше претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, деканот на Факултетот за физичко образование, Проф. д-р Влатко Неделковски и високи претставници на Европската федерација на спортски педагози.

Во својот говор претседателката Давкова истакна:

Obrazovanie_Metropol_31052024010

Задоволство ми е да ви посакам добредојде во Охрид, во македонската духовна, културна, но и спортска престолнина. Овде пред 70 години започна да се одржува Охридскиот пливачки маратон. На бреговите на Охридското езеро се родени великаните на македонското пливање – Нико Нестор и Атина Бојаџи – првите македонски пливачи кои, пред повеќе од половина век, го препливаа Ла Манш.

Оттука, нема посимболично место од Охрид за одржување на европскиот конгрес на Меѓународната федерација за физичко образование и спорт – ФИЕПС.

Физичката активност е една од најважните работи за одржување и унапредување на физичкото и на менталното здравје на луѓето. Спортувањето убедена сум дека превенира многу непреносливи болести, ги унапредува когнитивните способности, го подобрува сонот и ги намалува опасностите од анксиозност и депресија.

Но, и покрај овие очигледни придобивки, според проценката на ОЕДЦ и на Светската здравствена организација, дури третина од возрасното европско население не е доволно физички активно. Тоа може да резултира и резултира со над 11 милиони нови случаи на непреносливи болести до 2050 година и огромен буџетски товар врз здравствениот и социјалниот систем на секоја држава.

Причини за ваквата загрижувачка состојба има повеќе. Физичката активност која во минатото била составен дел од секојдневието, денес е  на маргините на животот. Заради современиот начин на работа и на живот, сè повеќе луѓе, вклучително и младите, се фатени во мрежата на телевизиските и компјутерските екрани, социјалните медиуми и брзата храна.

Како да излеземе од оваа надолна спирала? Одговорот лежи, како што веќе чувме,  во холистичкиот пристап кон физичката активност и кон спортот. Во практика, тоа значи да им се помогне на луѓето да развијат здрави навики и да водат физички активни животи.

Спортот може да биде училиште на животот преку кое децата и младите луѓе ќе учат за олимписките вредности, за другарството, самодовербата, фер играта и прифаќањето на различноста. Постарите, пак, како мене, ќе можат да водат здрав и исполнет живот, одржувајќи ја својата физичка кондиција независно од возраста

Верувам дека вие, учесниците на европскиот конгрес, со вашата експертиза и со искуството можете да придонесете за развивање на добри политики за физичкото образование. А, токму со такви холистички политики ќе градиме поздрави, поактивни и поинклузивни општества чии членови ќе се натпреваруваат во успесите.

Со тоа, на самиот крај, им честитам на организаторите и ви посакувам успешен конгрес.

Во рамки на тридневната конференциска програма ќе бидат презентирани околу 150 научни и стручни трудови од автори од целиот свет. На конференцијата учествуваат претставници на САД, Јапонија, Бразил, Шпанија, Франција, Италија, Велика Британија, Оман, Турција, Грција, Романија, Словачка, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, Ерменија, Русија и други држави.

Obrazovanie_Metropol_31052024001
Obrazovanie_Metropol_31052024002
Obrazovanie_Metropol_31052024003
Obrazovanie_Metropol_31052024004
Obrazovanie_Metropol_31052024005
Obrazovanie_Metropol_31052024006
Obrazovanie_Metropol_31052024007
Obrazovanie_Metropol_31052024008
Obrazovanie_Metropol_31052024009
Obrazovanie_Metropol_31052024011
Obrazovanie_Metropol_31052024012
Obrazovanie_Metropol_31052024013
Obrazovanie_Metropol_31052024014
Obrazovanie_Metropol_31052024015
Obrazovanie_Metropol_31052024016
Obrazovanie_Metropol_31052024017
Obrazovanie_Metropol_31052024018
Please follow and like us: