„За сите деца“ – богата културно забавна програма за најмладите во Охрид

Охрид

Преку проектот „За сите деца“, Општина Охрид за прв пат организира богата културно-забавна програма посветена на најмладите охриѓанчиња и најмладите гости кои летуваат во нашиот град.

На различни локации на отворено, почнувајќи од 21-ви јуни 2024 година, секој петок се до 6-ти октомври 2024 година – Неделата на детето, ќе се реализираат низа културно-забавни настани и активности за деца до 12 години, под мотото „Културата расте со децата“.

Во текот на месеците јуни, јули, август, септември и октомври на отворените сцени на Долни Сарај, плоштадот „Крушевска Република“, плоштад  „Вангел Наумовски“ (кај мини маркет), Лапидариум, градски плоштад „Свети Климент Охридски“ и други јавни површини во градот  ќе бидат изведени детските театарски претстави „ Цветко и градината“, „Разгалениот принц“, „Младиот чорбаџија“, „Дизајнерот Далматинко“ и „Црвенкапа“. Сите претстави ќе бидат во изведба на „Театар Хит“ од Скопје, а најмладите  преку омилените детски ликови ќе имаат можност  да се дружат со нашите познати актери Магдалена Ризова Черних, Сашо Ристовски, Ема Давчева и Бранко Атанасов.

Преку  детскиот театар на отворено и интерактивните театарски претстави ќе бидат упатени универзалните пораки  не само за секое дете туку и за возрасните како што се:  да  ги сакаме и почитуваме другарчињата , да ги слушаме родителите, да се грижиме светот да стане убаво место за живеење, да се грижиме за чиста и здрава животна средина и да  градиме здрави животни навики преку здрава исхрана.

Исто така, најмладата публика во Охрид ќе има можност да биде дел од сликарската школа „Пробај уметност“, да се дружат со младите поети од Балканскиот-детски младински камп „Ванчо Николески“, како и со омилените ликови од детската емисија „Малите ѕвездичи со КА-2“ и да ја проследат детската балетска претстава „Барби“ од охридското детско балетско студио „Наталис студио“.

Како дел од програмата ќе се одржи и првиот танцов фестивал „Охрид танцуваТ“ организиран од танцовиот клуб „Соната“. За најмладите кои се заинтересирани за танц ќе бидат анимирани преку „Флеш-моб“ и едукативни танцови работилници.

Преку книжевните средби со писателите за деца Билјана Црвенкоска и Горјан Петрески, децата ќе имаат можност да се запознаат со ликовите на „Биби и Боби“ преку голем број познати сликовници и сказни од исоимената едиција за деца, како и низа други книжевни дела од овие автори.

Во рамки на детската програма ќе бидат прикажани филмовите за деца  „Луси гангстерката –релис“ и „Малиот Винету и изгубените биволи“ синхронизирани на македонски јазик. Исто така планирано е да бидат прикажани и приказните „Модерна бајка“ и „Ќерките на Фроса“ кои се снимени во Охрид од детското драмско студио „Цвет 75“ од Охрид.

Најмладите ќе може да уживаат и во веселите композиции на детските фестивали „Поточиња’“, „Распеано рибарче“, „Радика Фест“ и „Весели Ѕвончиња“, а вистинска атракција за публиката ќе биде мјузиклот „Црвенкапа“ во изведба на „Балада Продукција“

Важно е да се напомене дека сите настани ќе бидат бесплатни за публиката.

Општина Охрид секој понеделник ќе ја најавува петочната детска содржина, местото и времето на одржување на настанот.

Please follow and like us: