Во рамки на своите здравствено-превентивни активности, а како дел од одбележувањето на Неделата на срцево-садови заболувања (21-28 февруари), Црвен крст Охрид организира низа активности под мотото „ЗДРАВ ЖИВОТ, ЗДРАВО СРЦЕ“, насочени кон превенција и заштита од срцево-садовите заболувања.
Во соработка со Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид, на 24.02.2025 (понеделник) во 11:00 часот, во просториите на Црвен крст Охрид, Д-р Бранка Милачиќ, специјалист кардиолог, ќе одржи предавање за ризик-факторите, превенцијата, третманот и лекувањето на срцевите и крвните заболувања.
Загрижувачки статистики
Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот. Според податоците на Светската здравствена организација, секоја година:
- 17,5 милиони луѓе умираат од срцево-садови заболувања.
- 7,3 милиони од нив се последица на коронарна срцева болест, а
- 6,2 милиони се поради инфаркт.
Во Европа, 50% од сите смртни случаи се предизвикани од овие заболувања, а загрижувачки е што сè повеќе заболуваат лица помлади од 60 години, во најпродуктивниот период од нивниот живот. Доколку не се преземат соодветни мерки, се предвидува дека до 2030 година, 23 милиони луѓе годишно ќе умираат од срцево-садови заболувања, главно од срцеви и мозочни удари.
Според Институтот за јавно здравје на РСМ, во Македонија повеќе од 57% од смртните случаи се последица на овие заболувања.
Главни ризик-фактори
Некои од најчестите причини за срцево-садовите заболувања, кои сè почесто се забележуваат и кај младите, се:
✔ Здебеленост
✔ Неправилна исхрана
✔ Пушење
✔ Физичка неактивност
Нездравите навики и начин на живот стануваат сè почести кај децата и адолесцентите, што ја нагласува потребата од навремени и соодветни превентивни мерки. Ова е клучен период за оформување на здрави животни стилови и свест за сопственото здравје.
➡ Придружете се на настаните организирани од Црвен крст Охрид и дознајте повеќе за тоа како да го заштитите своето срце! ❤️


