Утре, вторник (4 март), во Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, д-р Арсо Митрески ќе одржи предавање на тема „Дијабетично стапало – дијагноза и превенција“.
Шеќерната болест значително го забрзува затнувањето на крвните садови, предизвикувајќи артериосклероза во мозокот, очите, срцето, бубрезите и нозете. Кај пациентите со дијабетес тип 1 почесто се јавуваат оштетувања на малите крвни садови (микроангиопатија), додека кај оние со тип 2 се засегнати поголемите крвни садови (макроангиопатија).
Нервите во нозете се особено осетливи на недостиг на крв, што доведува до појава на дијабетична невропатија – состојба која се манифестира со трнење, печење и болки во стапалата. Овие симптоми најчесто се јавуваат при одмор или пред спиење.
Предавањето ќе започне во 12:00 часот и е отворено за сите заинтересирани граѓани. Д-р Митрески ќе одговара на сите прашања од присутните.
Настанот е организиран од Здружението на лица со дијабет „Охрид“, кое неодамна потпиша Меморандум за соработка со библиотеката.

