На најголемиот индивидуален спортски настан во Македонија оваа година, „Скопје Опен 2025“ (Г1 турнир од официјалниот календар на Светската таеквондо асоцијација), охридскиот таеквондист Ненад Целески освои сребрен медал во јуниорската категорија +78 кг.
Целески забележа одличен настап, победувајќи го во полуфиналето францускиот натпреварувач Мохамед Кешише со 2:0. Во финалето, по неизвесна борба, загуби со 2:1 од Абазовиќ Хамза од Босна и Херцеговина, со што го освои својот прв медал на елитните натпреварувања од рангот Г1 и Е1, кои носат бодови за олимписка норма.
Покрај него, од клубот „Хваранг Фист“ настапија и Петар Петкоски, кој по победа над бугарски противник беше запрен во четвртфиналето од српски натпреварувач, како и Јана Спироска и Ѓорѓи Петкоски, кои беа елиминирани во првото коло.
Во сениорска конкуренција, Миа Спироска (-53 кг) загуби во првото коло од претставничка на Шпанија. Најголемиот успех на турнирот за македонскиот тим го оствари олимпискиот медалист Дејан Ѓорѓиески, кој освои златен медал и важни бодови за квалификациите на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028.
Од „Хваранг Фист“ изразуваат голема благодарност до сите поддржувачи и со нетрпение очекуваат нови предизвици.

