Пишува: Слободан ТОМИЌ

Филипче го победи неважечкото ливче!
Роденденот ми почна со надеж дека барем нешто во оваа несреќна македонска политичка сцена ќе ме изненади.
Но вчера, во СДСМ се одржаа избори кои не само што не наликуваа на избори – туку беа тажен театар во еден чин, со само еден глумец и еден реквизит: Венко Филипче и неважечкото ливче.
Ако денешниот избор на претседател на СДСМ беше „празник на демократијата“, тогаш Александар Лукашенко може слободно да поднесе кандидатура за почесен член на оваа некогаш државотворна партија.
Еден кандидат – без конкуренција, без дебата, без визија. Демократија? Не, ова беше анемичен аплауз за статус кво, за стерилноста и за крајот на една ера.
Од СДСМ до СФСМ – Сојуз на Формално Социјалдемократска Мимикрија
Партијата која некогаш броеше десетици академици, министри, професори, а имаше и еден Бранко, денес се претвори во затворен круг на климачи со биометриски клучеви во рака.
Нема дилема, Филипче победи. Но кого? Себеси? Или идејата за вистински избори?
И дали навистина победи, кога 23.000 членови имаа избор само меѓу Филипче и… празно ливче?
Венко vs. Невважечко ливче – избор кој вреди исто колку и изборот помеѓу чешел и чешел без заби
Не гласаше народот. Не гласаше разумот. Гласаше стравот, инерцијата и навиката на еден систем што одамна ја загуби душата.
Како што рече една членка: „СДСМ секогаш била државотворна партија“. Да, била.
Ама сега е само патувачки театар со ист сценарио, без публика.
И сега, ова чудо да го крстиме „нов мандат“?
Нов со стар проблем: нема ниту концепт, ниту харизма, ниту опозиционен капацитет.
А Венко? Тој гордо најавува „консолидација“.
Но консолидација на што? На тивката апатија? На убиената критика? На послушноста?
И тука, сакам искрено да го прашам и Тито Петковски:Дали вредеше, Тито, да дадеш поддршка за некој си Венко или црната сенка на Заев, па денес да се секираш кога го виде исходот?
Ако тогаш имаше дилема, денес нема: заевизмот ги изеде сите што му веруваа.
Почитуван премиере Мицкоски…
…ако некогаш се прашавте дали вредеше да се издржи притисокот и подметнувањата – денес добивте одговор: вредеше.
СДСМ денес самата си стави катанец на врата – со избори што наликуваа на партиски попис, а не на политички натпревар.
И кога Венко се надпреваруваше само со неважечкото ливче, Македонија загуби уште еден симбол на некогашната демократија.
Запомнете го овој ден!
Овој ден не е ден на избори – туку ден на абдикација од сопствената историја.
Зашто кога партијата се плаши од конкуренција, тоа не е демократија, туку… автократија во партиска амбалажа.

