Пишува: Слободан ТОМИЌ

Кога една политичка платформа, создадена да донесе промени, се претвора во лична сметка за калкулации, тогаш не станува збор за политика – туку за загубена шанса.
ВЛЕН, коалицијата што требаше да биде нов глас кај албанскиот електорат, денес изгледа како недовршен проект без правец, без лидерство и без внатрешна хармонија.
Печатот на коалицијата го нема.
Документите и правото на застапување се предмет на судски спор.
И додека институциите си ја тераат својата постапка, Арбен Таравари оди сам, надевајќи се дека ќе остане централна фигура, без оглед на тоа што коалициските партнери му го вртија грбот.
Зошто ВЛЕН повеќе не го следи Таравари?
Одговорот е едноставен: затоа што тој ја напушти идејата за заедништво.
Го остави градоначалничкото место за министерска фотелја, и покажа дека политиката за него е средство за лична афирмација, а не платформа за општо добро.
Но народот не заборава.
Посебно не забораваат оние семејства кои, како нашето, го почувствуваа на своја кожа недостигот на човечност, етика и професионалност од истиот тој човек, кој како доктор даде заклетва да го чува животот, а денес не сака ни да погледне назад.
Пред претстојните локални избори, ВЛЕН се соочува со најтешкиот период од своето постоење.
Партиите во коалицијата се разединети, не знаат дали ќе одат заедно или поделени.
Во некои општини ќе настапуваат одвоено, во други – без јасен став.
Наспроти тоа, ДУИ е подготвена и организирана, со поддршка од терен, со јасна стратегија и машинерија која знае како да мобилизира.
Во вакви услови, Таравари станува товар, а не предност.
Кога ќе изгубиш доверба, нема значење дали си министер или поранешен градоначалник.
На избори се брои поддршката на народот, а таа сега е под знак прашалник.
Ако ВЛЕН не ја врати својата автентичност, ако не понуди јасен и обединет настап, ќе стане политичка фуснота, а не алтернатива.
Наредните избори ќе го покажат тоа.
Политиката не трпи калкулации. Народот не простува суети.
А вистинските промени доаѓаат само кога ќе се надминат личните амбиции.

