Колумна на Слободан ТОМИЌ: Скандал со смртна Последица: Кој ќе одговара за неспасениот живот со пукната Аорта?!

Македонија

Паралела на две трагедии: Тони Ангелковски на државна Кардиохирургија, Ѓорѓи Томиќ на Хематологија – иста судбина, ист систем, иста болка

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

КОГА ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ СТАНУВА УБИЕЦ

Смртта на 57-годишниот Тони Ангелковски на Клиниката за кардиохирургија поради пукната аорта не е само медицинска трагедија – тоа е крик против систем кој го губи човечкото.

Истиот тој систем што го остави и Ѓорѓи Томиќ, мојот син, да умира пред мои очи на Хематологија, додека дежурната докторка Невенка Ридoва не мрднуваше со прст.

Двајца различни луѓе. 

Две различни клиники. Една и ист држава. 

Еден и ист систем – монструозен, неефикасен и длабоко корумпиран.

Системот со аномалии каков е изграден во минатото, болен и самоуништувачки, последично ги убива своите клетки од кој е создаден, а тоа се поединците, секој човек, луѓето, Ѓорѓи Томиќ.

Тоа е системот на самоуништување преку убиство на деловите од кои е создаден. Еден од нив беше мојот син.

„Нема сала, нема материјали, нема доктори“ – НО ИМА СМРТ!

Тони Ангелковски пристигнува со итна дијагноза – пукната аорта, состојба што бара операција во рок од часови, ако не и минути.

Одговорот од Кардиохирургија? Нема сала. Нема услови.
Препорака?

Да оди во приватна клиника, каде му кажуваат дека мора да чека седум дена за специјален стент, по цена од 30.000 евра.

Неговото семејство не е богато. Се враќаат во државна. Таму го хоспитализираат – без интервенција. 

И умира.

Сташно! Морбидно! 

Од друга страна, медиумите и експертите укажуваат на зголемена смртност на Државната Кардиохирургија, во овие изминати месеци?!

Во истиот стил, Ѓорѓи Томиќ, млад, полн со живот, во собата на хематологија умира без да биде интубиран.

Без елементарна борба за живот. Ниту едно лице да го спаси.
Ниту една рака да му помогне.

Само тишина.
Само студенило. 

И потпишан извештај за смрт.

ОДГОВОРНОСТ – ЗАБРАНЕТ ЗБОР?!

Каде се институциите?

Каде е Министерот за здравство, Арбен Таравари?

Каде е ДСЗИ?

Зошто никој не покренува надзор, не отвора истрага, не презема одговорност?

Семејството на Тони има видео. Јас имам сведоштво.

Два животи изгубени, а ниту една оставка, ниту еден етички потрес.
Кардиохирургијата, според извори, функционира со една сала.

Стентови нема. Анестезиолози – дефицит. Лекари – на симпозиуми. Пациенти – препраќани, одбивани, игнорирани. 

И на крај – погребувани. Без правда. Без отчет.

КОГА ДОКТОРОТ СТАНУВА НЕМО НАБЉУДУВАЧ НА СМРТТА

Кога пациент доаѓа со пукната аорта, нема време. Секоја минута значи живот.

Нема „немаме сала“, нема „немаме дел“.

Државата МОРА да обезбеди итна интервенција.

Мора, затоа што луѓето не плаќаат здравство за да умрат.

Ѓорѓи плаќал 41 години. 

Тони, исто така.

И што добија?

Тишина.

Обезбедување.

Избркани фамилии. И гроб.

ПОВИК ДО ДОКТОРИТЕ, ПРЕМИЕРОТ И НАРОДОТ

Ова не е политичка тема. Ова е човечка.

Премиерот Христијан Мицкоски мора лично да се ангажира. 

Министерот Таравари мора веднаш да наложи вонреден надзор.

Но и докторите мора да проговорат. Ќе бидат казнети?

Па дали е поважно работното место од човечки живот?

Дали е поважно ќутањето од вистината?

ОД ХЕРОИ ДО СТАТИСТИ

Пред неколку години, Кардиохирургијата имаше имиња што не враќаа пациент.

Некои доктори до пред некое време – спасуваа живот со прст.

Денес на симпозиуми. Салите реновирани, но смртта – редовна.

Најтрагично, сè уште никој не кажува: 

„Јас сум одговорен.“

ГРЕШНИ СМРТНИ ПАТИШТА: МАКЕДОНИЈА УМИРА ОД НЕПОКАЖАНА НЕКВАЛИТЕТНОСТ“!

Државната кардиохирургија, некогаш светски признат центар, денес е симбол на некомпетентност, хаос и зголемена смртност. 

По заминувањето на врвните кардиохирурзи – докторите кои ја создадоа кардиохирургијата како институција која спасуваше животи – пациентите се препуштени на судбината. 

Клиниката што некогаш беше центар за живот сега станува фабрика за смрт. 

Денес, на секој чекор има пациенти кои чекаат помош, но тие веќе се премногу доцни. Чекаат познат кардиохирург – но сега тие се реткост. 

Доцнат се, и животите им се намалуваат. 

Сите овие луѓе се оценуваат како жртви на системот, и нема кој да им даде одговор.

ВО ЧИЕ ИМЕ ЌЕ СЕ МОЛЧИ ПОВЕЌЕ?

Денес беше Тони. Вчера беше Ѓорѓи. Утре?

Не знаеме!

Но знаеме едно: ако ова молчење продолжи, ако оваа држава остане без морален компас, ако секој живот завршува со „немаме услови“, тогаш ние веќе живееме во држава што веќе е клинички мртва.

Please follow and like us: