Колумна на Слободан ТОМИЌ – “Најчистата вистина на човекот: Заборавената порака на папата Франциск”

Македонија

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Понекогаш, најголемите пораки не се кажуваат на големи бини, туку се шепотат таму каде што човекот е најранлив ,во болничка соба, меѓу тишината и болката. 

Така и Папата Франциск, во последните месеци од својот живот, ја напиша една од најдлабоките пораки за човештвото.

Папата што ја возвиши Македонија

Овој папа не беше обичен патник на историјата. 

Тој, за првпат, стапна на македонска земја во 2019 година и ја одржа најголемата миса на плоштадот Македонија. 

Но, не беше само неговото присуство важно, туку и зборовите што ги остави зад себе. 

Тогаш, пред илјадници Македонци, Франциск јасно порача дека христијанството во Европа започнало токму од овие простори. 

Тој ја призна Македонија не само како земја со длабока духовна историја, туку и како место од каде светлината на верата се проширила кон Европа.

И не застана тука.

 Додека патуваше кон Македонија, во авионот преполн со новинари од целиот свет, Папата Франциск даде изјава што одекна длабоко во срцата на Македонците: 

“Македонците се различен народ. Тие се различни од Бугарите. Немаат ништо заедничко и исто со нив.”

Оваа историска реченица остана запишана како највисока потврда за македонскиот идентитет, токму од човекот кој ја носеше тежината на целото христијанство.

Поуката од болничката соба

Од креветот на болницата, таму каде што телото е слабо, но духот станува чист, Папата Франциск го напиша својот последен тестамент: 

“Ѕидовите на болниците слушнале повеќе искрени молитви отколку црквите… тие биле сведоци на повеќе вистински бакнежи отколку аеродромите…”

Таму, во болницата, се рушат сите вештачки ѕидови меѓу луѓето.

Таму хомофобот го спасува геј докторот.

Таму привилегираниот лекар се грижи за просјакот.

Таму Евреин го спасува расистот.

Полицаецот и затвореникот лежат еден до друг.

Во тие моменти, кога животот зависи од милоста на другиот, паѓаат сите национални, расни, верски и социјални разлики.

Сите сме исти пред болката.

Сите сме исти пред смртта.

 И сите сме исти пред Бога.

Папата Франциск и лекарите: Контрадикција помеѓу светоста и стварноста

Папата Франциск во своите последни пораки го истакнува значењето на здравствената нега и емпатијата што треба да ја имаат лекарите кон пациентите. 

Во неговиот поглед, болниците не се само институции за лекување, туку места каде што се отвораат врати за човечноста и љубовта. 

Сепак, во моето лично искуство со третманот на мојот син Ѓорѓи, јас не можев да ја искусам таа светлина што Папата ја предаваше. 

Наместо грижа, љубов и внимание, на Ѓорѓи му беше оспорена основната право на достојна медицинска нега и човечка поддршка.

Гледајќи го низ светлината на Папината порака, вистински загрижени и посветени лекари се реткост. 

Мојот син не доби соодветна интервенција навремено, а оние што требаше да се грижат за него ја испуштија шансата да покажат вистинска човечност и стручност. 

Лекарите кои не успеаја да обезбедат правилен третман во животно важните моменти, не се само нестручни, туку и хумано неодговорни. 

Болничката постела не беше место на љубов и грижа, туку на немарност и непрофесионалност. 

И кога мојот син беше оставен да се бори со животот и смртта, не можев да видам ништо од она што Папата ја спомена како основа на здравствената нега.

Оваа драстична разлика ме натера да се прашам дали вистинската вредност на лекарите и медицинскиот персонал е изгубена во некои случаи. 

Папата зборуваше за болниците како светилишта на хуманост и љубов, но за жал, на многу места, во реалноста, тие се трансформираа во места на трагична нехуманост.

Животот е премногу краток за омраза

Папата Франциск предупредува: 

Овој живот ќе помине брзо, затоа не го трошете борејќи се со луѓе. 

Не го критикувајте премногу вашето тело. 

Не се жалете претерано. 

Не губете сон поради сметки. 

Прегрнете ги вашите најблиски.”

Совршенството не постои.

Човекот не е создаден да биде совршен, туку да учи, да сака и да простува.

Сите оние што постојано чекаат совршен момент, Божиќ, лето, љубов, пари, мир, ќе сфатат дека тој момент никогаш нема да дојде.

Единствениот совршен момент е сега.

Упатство за спасение

Папата не остави сложени теолошки тези. 

Наместо тоа, остави едноставно упатство за спасение:

  • Почитувајте се себеси.
  • Почитувајте ги другите.
  • Не судете.
  • Не се мешајте.
  • Сакајте повеќе.
  • Простувајте повеќе.
  • Прегрнувајте повеќе.
  • Живејте поинтензивно.
  • Оставете го остатокот во рацете на Создателот.

Резиме: Папата како светилник на последната вистина

Последните зборови на Папата Франциск не беа само духовен повик, туку и лично сведоштво за тоа што навистина вреди во животот.

Оваа порака, што за жал многумина ја заборавија или никогаш не ја слушнаа, треба да остане запишана во срцата на сите народи.

Особено на Македонците, чие постоење низ вековите беше оспорувано, но чија душа остана цврста и неразделна.

Зашто, како што покажа Папата Франциск , идентитетот, љубовта и верата не ги решаваат документите или политиките, туку срцето што чука искрено во градите на еден народ.

 А срцето на Македонија, како и срцето на секој човек што љуби, никогаш не може да биде поробено.

Вечен поклон пред светлината на Папата Франциск

Пред Тебе се поклонуваме, Свети Очe, не како пред власт, туку како пред светлина што не водеше низ мракот на заборавот.

Ти ни покажа дека љубовта е посилна од омразата, верата посилна од стравот, а човечноста поважна од секоја титула.

Ти ја испиша Македонија во срцето на светот со зборови што никогаш нема да избледат.

Нè научи дека идентитетот не го коваат туѓи раце, туку искреното срце што чука за својата земја и за својот Бог.

Во последните часови, од постелата на болката, ја остави најчистата порака за спасение – порака што ќе светне во вечноста.

Твојот живот беше сведоштво, твојата смрт е завет.

Почивај во мир, Папа Франциск.

Од Македонија до Небесата , ќе те славиме како оној што ја покажа вечната вистина: само љубовта е вечна.

Please follow and like us: