Колумна на Слободан ТОМИЌ – “Кога би се вратиле Гоце и Тито: Македонија меѓу сонот и предавството”

Македонија

Гоце и Тито , двајцата столбови што ги креваа народите, а денес гледаат како им се рушат темелите

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

На 4 мај, ден кога се преклопуваат сенките на два гроба , оној на Гоце Делчев (1903) и на Јосип Броз Тито (1980) ,Македонија како да застанува пред историјата, не за да ѝ оддаде чест, туку за да ја запраша: што направивме со аманетот што ни го оставија?

Гоце и Тито , двајца луѓе од различни времиња, идеологии и судбини, но со една иста мисла: Македонија како духовно, културно, јазично и државно посебна целина. 

Едниот со пушка во рака, другиот со држава во раце. Двајцата , со визија што денес се дави во калта на сервилноста и заборавот.

ГОЦЕ , НАСТАВНИКОТ КОЈ СЕ ОТКАЖА ОД МИРОТ ЗА ДА ЈА РАЗБУДИ МАКЕДОНИЈА

Гоце Делчев, син на македонската несреќа и истовремено нејзин пророк. Неговата мисла беше револуционерна, но неговиот збор беше просветителски: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите.“ И додаде: Македонија за Македонците.

Не за Бугарите, ни за Србите, ни за Грците, туку за оние што ја чувствуваат како своја, без да чекаат дозвола од цар, амбасадор или европски комесар.

А денес?

 Гоце би бил згрозен. 

Неговите коски ги влечат од Скопје до Софија, од преговарачка маса до извештаи на ЕК. 

Истиот човек којшто умираше за идеал, денес се користи како алатка за тргување. 

Би прашал:
„Дали за ова умреа моите другари на Мечкин Камен? 

Дали за ова се борев против бугарскиот режим, за да денес бугарски пратеници одлучуваат кој сум бил?“

ТИТО , ЧОВЕКОТ ШТО ЈА ИНСТИТУЦИОНАЛИЗИРАШЕ МАКЕДОНИЈА

Да не беше Тито, Македонија немаше ни име, ни јазик, ни територија, ни парламент. 

Македонскиот јазик доби официјален статус, македонскиот народ државност, а Скопје стана столб, а не полусело во нечија административна мапа.

Тито, хрватски партизан со југословенска мисија, го легитимираше македонскиот народ и го зацврсти во меѓународната архитектура на нации.

 А денес? 

Би дошол и би рекол:
„Јас дадов држава, вие ја дадовте за фотелја. Јас ја ставив Македонија на картата, вие ја избришавте од учебниците.“

2025: ДРЖАВА СО ИМЕ, БЕЗ СОДРЖИНА

Денес живееме во држава што на хартија се вика Македонија, а во реалноста е хибриден протекторат. 

Ниту е независна, ниту е самостојна, ниту е суверена.

Имаме устав што се менува според притисоци.

 Историја што се пренапишува во конзулати. 

Јазик што се релативизира во комисии.

 Народ што се тера да заборави кој е за да стане „европски граѓанин“.

Оваа држава не ја окупираа армии, туку фондации. 

Не ја загрозија тенкови, туку тендери. 

Не ја предадоа странски сили, туку домашни измеќари со странски агенди.

БУГАРСКОТО НЕГИРАЊЕ: СТАРА ПЕСНА НА НОВА ВЛАСТ

Бугарија не ја сменила својата реторика од 19 век: Македонците се измислен народ, нивниот јазик дијалект, нивната историја бугарска. 

Но ако Гоце бил Бугарин, зошто тогаш го прогонуваа? 

Зошто ВМОРО се бореше против бугарските војски и административни власти?

Бугарската дипломатија денес користи нова алатка: вето и преговарање, наместо сабја. 

И нашата елита — наместо да ги брани темелите , ги нуди како залог.
„Дајте ни датум, ќе дадеме идентитет.

Тоа не е политика. Тоа е капитулација.

АЛБАНСКАТА ПАРАЛЕЛНА ДРЖАВА И БРИСЕЛСКИТЕ УЦЕНИ

Албанскиот политички естаблишмент во Македонија, охрабрен од надворешни центри, веќе не се бори за права, туку за територија, симболи, институции. 

Бара соживот, а гради одвоен живот. На терен, реалноста е: едни закони за Македонците, други за Албанците. Двојазичност? 

Да, но само кога на тоа инсистираат тие. Национални симболи? Само нивните.

Во исто време, Брисел вели: „Доколку сакате ЕУ, менувајте устав, бришете делови од историјата, реформирајте се.“ 

А реформата се сведува на ова:

„Станете безлични, па ќе ве примиме.“

ШТО БИ РЕКЛЕ ГОЦЕ И ТИТО?

Гоце би ја собрал младината и би рекол:
„Не чекајте дозвола да бидете Македонци. Знамето се носи во срцето, а не во документ.“

Тито би рекол:

„Јас ја изградив Македонија со антифашистичка борба. Вие ја распродадовте во време на мир. Тоа не е транзиција, тоа е предавство.“

ШТО ДА ПРАВИМЕ?

Прво: да престанеме да молчиме. Молкот е соучесништво.

Второ: да ги учиме младите на вистината, не на напишани биографии по нарачка.

Трето: да не чекаме ниту Гоце, ниту Тито , туку секој да го врати Гоце во својата глава и Тито во својата одговорност.

Историјата не се преговара. 

Јазикот не се објаснува. 

Идентитетот не се дискутира.

Македонија или ќе се брани , или ќе исчезне.

Please follow and like us: