Пишува: Слободан ТОМИЌ

Битката не е за избори – туку за опстанок на мафијашкиот систем
Во моментов во Македонија не се води борба за избори, туку борба за опстанок на стариот мафијашки систем, длабоко вкоренет во институциите, судството, обвинителствата и бизнисот.
Токму тие структури денес најгласно бараат предвремени избори , не затоа што се загрижени за демократијата, туку затоа што чувствуваат дека времето им истекува.
Повеќе не се сигурни ниту во сопствената заштита.
Саботажа на реформите од стариот „Европски фронт“
ДУИ, СДСМ и нивните сателити од т.н. „Европски фронт“ отворено се обидуваат да ја саботираат реформската влада на Христијан Мицкоски , првиот политичар по долго време кој покажа решителност да се зафати со корените на македонската мафијашка држава.
Таа држава, три децении, не функционира како правен и институционален систем, туку како територија поделена меѓу партиски и етнички феудалци.
Случајот „Пуцко Петрол“ – симбол на криминалниот мраз
Последниот скандал со ослободувањето од притвор на сопственикот на „Пуцко Петрол“ , компанија што со години увезува канцероген мазут кој годишно убивал над 4.000 луѓе , е само врвот на криминалниот ледник.
Да се биде пуштен со кауција од два милиони евра, додека обвинителството и судството молчат, е слика на систем длабоко инфилтриран од партиски и етнички мафијашки интереси.
Таравари – политичка и морална илузија
Во таа слика, Арбен Таравари, кој со недели водеше тајни преговори со Али Ахмети, покажува дека не ја разбрал новата политичка реалност.
Неговото кокетирање со криминизираниот Европски фронт предизвика отворен раскол во Алијансата за Албанците.
Денес, тројцата пратеници од ВЛЕН – Меџити, Касами и Ибрахими ,се дел од стабилното мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ,ЗНАМ и веќе јавно се дистанцирани од Таравари.
Со тоа, калкулацијата на Ахмети за рушење на Владата преку создавање пукнатина во мнозинството , пропадна.
Нема потреба од избори – има потреба од реформи
Коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, заедно со пратениците од ЗНAM, има стабилно мнозинство.
Нема никаква уставна или политичка причина за предвремени избори.
Тоа јасно го нагласи и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со правно чист и политички аргументиран став: Владата има легитимитет и мандат да владее.
Страв од вистинска држава
Единствената причина зошто СДСМ и ДУИ инсистираат на избори е стравот , стравот од реформи, од конфискација на имот, од независно обвинителство, од судски пресуди што нема да се „дилуваат“ по кафани.
Македонија е на прагот да стане вистинска држава.
Сега, кога Владата предводена од Христијан Мицкоски иницира конфискација, ја руши табу-темата за недопирливи тајкуни и корумпирани судии, тие бараат избори.
Зошто?
За да ја сопрат реформата.
Таравари – од партнер до предавник на реформите
Тука се појавува и парадоксот на Таравари.
Избран за поддршка на реформите, тој тајно преговара со Ахмети , човекот кој две децении ја претвори Македонија во клептократија, киднапирајќи ја државата преку обвинители, судии и етнички функционери.
Во замена за логистика во пет општини, Таравари се подготвува да го предаде реформскиот процес.
Тоа не е политичка игра. Тоа е предавство.
Владата мора да постави јасни прашања
Владата на Мицкоски мора јавно да ги постави следниве прашања:
- Дали партнерите во коалицијата се тука за реформи или за двојна игра?
- Ќе бидат ли процесуирани функционерите на поранешниот режим или ќе им се понуди слобода во замена за медиумски мир?
- Ќе стане ли Македонија држава со институции или ќе остане територија поделена меѓу кланови, мафија и привремени политички фаци?
Безмилосна битка против длабоката држава
Ситуацијата бара непосредна политичка хигиена.
Не само конфискација, туку и илустрација на сите што биле дел од мафијашките структури.
Не само нови закони, туку нови луѓе – обвинители, судии, критериуми.
Секое молчење е соучесништво. Секое политичко калкулирање со Таравари или слични „средни патишта“ е ризик за реформите. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и Мицкоски мора да биде безмилосна – и надворешно, и внатрешно.
Ова е моментот на вистината
Во спротивно, Македонија нема да стане држава. Ќе остане имитација на држава, каде корумпирани судии пуштаат убијци по цена, а политичари без интегритет договараат иднина во задни соби со криминални ментори.
Ова е моментот на вистината: ќе станеме држава или ќе исчезнеме како народ.
Но за тоа, потребно е да се уништи длабоката држава: судиите со мафијашки врски, обвинителите што штитат олигарси, и бизнисмените што купуваат правдина.
Мицкоски го започна тој процес. Затоа го напаѓаат.
Секој што денес повикува на избори, во момент кога државата првпат има шанса да се ослободи од клановската контрола, не е реформатор, туку соучесник во одбраната на криминалот.
Македонија не смее повторно да стане заложник на тие структури.
Ако сега попуштиме – ќе ја изгубиме последната шанса.

