„Начинот на Чипан“: Јубилеен настан на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во чест на архитектонското наследство на Охрид

Култура Охрид

На 3 мај 2025 година во 18 часот, во просториите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, се одржа настанот „Начинот на Чипан“. Со овој настан беа одбележани два значајни јубилеи:

  • 70 години од изградбата на објектот на Феријалното одморалиште во Охрид, и
  • објавувањето на книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ од Борис Чипан.

Настанот привлече публика од околу 200 посетители, кои имаа можност да ја набават публикацијата „Начинот на Чипан“, чија содржина беше основа за креирање на програмата.

Особена тежина на настанот додаде присуството на архитект Александар Чипан, син на Борис Чипан. Тој го изрази своето задоволство што присуствува на настан инспириран од делото на неговиот татко, завршувајќи го поздравниот говор со зборовите:

„Имав две големи среќи во животот: едната е да бидам архитект и другата да сум син на Чипан.“

Поздравно обраќање имаа и претставници од Комората на овластени архитекти и овластени инженери, кои упатија отворена покана за поддршка на вакви иницијативи.


Панел-дискусии

1. „1955 г. – Архитектонското наследство како основа за современо проектирање“

Учесници:

  • м-р Горан Патчев (виш конзерватор, директор на НУ Завод и Музеј – Охрид)
  • проф. д-р Ана Ивановска Дескова (Архитектонски факултет, УКИМ – Скопје)

Во дискусијата беше истакнато значењето на творештвото на Борис Чипан за Охрид, пристапите во заштита на архитектонското наследство, интеграцијата на заштитените објекти во современиот живот и улогата на образованието во оформувањето на ставовите на младите архитекти. Посебно беше нагласена потребата од подигање на јавната свест преку едукативни настани и архитектонски изложби.

2. „2025 г. – Што со модернистичкото наследство денес? Архитектонскиот конкурс како алатка“

Учесници:

  • маг. инж. арх. Марија Димитриевска Цилакова (Архитектура Нова)
  • проф. д-р Јован Ивановски (Архитектонски факултет, УКИМ – Скопје)

Темите вклучуваа:

  • процесот и значењето на архитектонските конкурси,
  • компарација на архитектонската практика низ времето и регионот,
  • презентација на интернационалниот конкурс „Наутички клуб Охрид“, каде беа анализирани пристапите на наградените решенија.

Изложбена поставка

Настанот заврши со изложба во две тематски целини:

  1. Ликот и делото на Борис Чипан, книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ и проектот за Феријалното одморалиште „Младост“.
  2. Наградени решенија од конкурсот за ревитализација на објектот – „Наутички клуб Охрид“.

Изјави од учесници

Проф. д-р Ана Ивановска Дескова:

„Настанот кој архитектонскиот колектив АРХРИД го организира, претставува амбициозен и повеќеслоен потфат. Тој отвора суштински прашања за вредноста и идентитетот на градителското наследство, во минатото, сегашноста и иднината. Напорот на АРХРИД може да се сфати како чин на ‘експериментална заштита’ – значаен придонес во дополнувањето на локалната архитектонска историја.“

Проф. д-р Јован Ивановски:

„Оваа млада генерација архитекти од Охрид успеа да се обедини и организира настан на кој меѓународни архитекти работат проекти за Охрид. На тој начин се промовира не само македонската традиција, туку и современата архитектонска сцена.“


Организатори и благодарност

Настанот е целосно организиран со волонтерски заложби од архитектонскиот колектив АРХРИД, составен од:
Стефан Назифовски, Симона Чингоска, Теа Дамјановска, Ева Зовиќ, Анастасија Ристеска, Филип Спасески, Иво Лазароски и Стефан Жупан.

АРХРИД упатува благодарност до сите присутни и ги охрабрува сите заинтересирани да ја набават публикацијата „Начинот на Чипан“.

Контакт:
Instagram: @arhrid_collective
Facebook: @arhridkolektiv
Email: arhridproject@gmail.com
Photo: Зоран Вељаноски (Zoran Veljanoski)

Please follow and like us: