Пишува: Слободан ТОМИЌ

Кога шибицар ќе се навикне на вртоглави промени на коалиции, на лична корист под маса, на куќа во центарот по багателна цена, кога политиката ќе стане бизнис на молчење при грабеж и зборување при аукција на доверба, тогаш државата станува заложник.
А токму таков шибицар денес се нуди како нов морален фактор.
Се препакува, се продава како спасител, додека зад него зјаат неказнети зделки, конфликти на интереси и купено молчење за криминалите на вчерашните „партнери“.
Арбен Таравари, некогашниот човек на Зијадин Села, денес делител на печати, министер за здравство по потреба, а утре можеби и „новиот Ахмети“, објави дека ја напушта Владата.
Но со што?
Со каков морален капитал?
Со какви заслуги?

Со уништено здравство, со сменети професори по партиска линија, со институции претворени во глуви згради без душа и совест.
Да не заборавиме: и Таравари и Филипче се двојка министри кои го сотреа македонското здравство.
И двајцата менуваа влади, но не и навики.
Професорите што беа поуспешни од нив, беа избркани.
Еден од најистакнатите примери е проф. д-р Сашко Јовев, човекот кој ја создаде македонската кардиохирургија од темел.
Избркан без образложение, затоа што не слушал далечински команди.
Денес таа институција не личи на кардиохирургија, ја нарекуваат „фабрика за смртност“ и „морничав експеримент на неспособноста“.
А Таравари?
Тој сега сака кафе со Филипче и со Мицкоски.
Да се виделе, да се догледале.
Наивно, ќе рече некој.
Но во политиката ништо не е наивно.
Секоја средба, секоја порака и секое „случајно кафе“ значи преговарање, пазар и ново шибицарење со судбината на граѓаните.
Политичарот што му заби нож во грб на Зијадин Села, кој му ги собра печатите на партијата, сега се обидува да ја препакува Алијансата за Албанците како „нов глас на опозицијата“.
Но тоа е лага.
Истата таа Алијанса беше глува кога се носеше злогласниот балансер, кога се укинуваа можности за младите лекари и студенти, кога се газеше по достоинството на пациентите.
Турбуленциите во коалицијата ВЛЕН ги започна токму Таравари, решен да излезе со сопствени советнички листи, сам против сите.
Зошто?
Затоа што не добил доволно, затоа што сакаше повеќе, затоа што му се брза да биде „нов фактор“ во политиката.
Но дали ќе биде фактор на надежта или на повторната пропаст?

Не. Ќе биде миноносец. Политички камиказа.
ДУИ и СДСМ, старите мафијашки партнери, само што го чекаат неговото аматерско влегување во нова прегратка.
Ахмети сака нов легитимитет преку „нови ликови“, а СДСМ бара кислород преку Филипче.
Но Таравари, со сите негови врски, слабости и дилетантизам, не може да биде мост.
Може да биде само алатка за уривање на довербата, на опозицијата и на македонско-албанските односи кои веќе доволно се искривени од политичката проституција на сите страни.
Затоа, летај, летај Таравари, колку што сакаш.
Но народот гледа.
Гледа кој колку тежи.
И кој колку мириса на стари валкани зделки, препакувани во нова амбалажа.

