Комумна на Слободан ТОМИЌ: Македонија 2025 – Дијаспората, капиталот и заборавената сила што може да ја спаси татковината

Македонија

„Без дијаспората – нема иднина. 

Без визија – нема држава. 

Без интегритет – нема лидерство.“

Кој ја уби врската меѓу Македонија и нејзините најуспешни синови и ќерки?

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Со децении, македонските влади се однесуваат како осамени феудалци – затворајќи ги вратите за тие што заминале, но никогаш не ја заборавиле татковината. 

Дијаспората беше сведена на фолклор, на „трикратни средби“ без институционална визија. 

Но постои едно име што пркоси на таа политика , „Македонија 2025“ , жив организам, будилник на нацијата, мост меѓу успехот надвор и безнадежноста дома.

Додека премиери со потсмев или игнорирање ги „десеткуваа“ нашите најуспешни луѓе, визијата преживуваше во имињата како Мајк Зафировски, Џон Битов Јуниор, Живко Мукаетов ,луѓе што не се кандидираат, туку инвестираат. Не во партии, туку во иднината.

Самитот „Македонија 2025“ – симбол на зрелост или огледало на државна инфантилност?

Над 700 учесници: визионери, професори, иноватори. Но, каде е државата? 

Освен неколку куртоазни појавувања, институциите ги нема.

 Како да се срамат да погледнат во огледалото на сопствениот неуспех. 

А токму таму ,на тој самит ,се гледа дека „малата Македонија“ може да биде голема. Само кога политичарите ќе престанат да се плашат од паметни и успешни луѓе.

Мицкоски има шанса што другите ја прокоцкаа

Премиерот Мицкоски има историска шанса ,да ја врати дијаспората како стратешки сојузник на државата. 

Не со декларации, туку со системски чекори:

  • Формирање на Совет за економска стратегија со членови од дијаспората
  • Создавање на дијаспорски фонд за стартапи и иновации
  • Законски стимули за инвестирање од страна на иселениците
  • Програма за поврат на таленти со конкретна логистика

Пораката треба да биде јасна:

  „Вие не сте гости ,вие сте сопственици на оваа земја.“

Парадоксот на македонската елита

Во Македонија, успешните се надвор, а неспособните , на врвот. 

На самитот видовме капитал со совест, успех со патриотизам.

 Живко Мукаетов зборуваше за визија, истражување и развој, нешто што малку министри можат да го разберат. 

Се додека се вработуваат роднини наместо професионалци, Македонија ќе биде заробеник на сопствениот провинцијализам.

Македонија 2025 – борба меѓу две реалности

Од едната страна , глобална, дигитална, иновативна Македонија.
Од другата , заробена, партиска, бирократска Македонија.

Прашањето е: која ќе победи?
Дијаспората е тука. 

Парите се тука. 

Идеите се тука. 

Само политичката волја недостасува.

Нема да не спасат странски амбасади. Ќе не спасат нашите луѓе…

Време е да ја вратиме Македонија на Македонците , каде и да се. 

Да ја вратиме на оние што работат, сонуваат и живеат за неа.

Ако не сега ,кога? 

Ако не ние , кој?

И за финале: Претседателката ја отвори вратата – Владата треба да ја отвори портата

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова испрати силна порака на самитот ,дека дијаспората не е носталгија, туку најголемата резерва на знаење, капитал и лојалност. 

Нејзиниот предлог за Совет на дијаспората при Претседателството е прв вистински институционален чекор по три децении.

Следниот чекор: Владата да формира Стратешки економски совет со дијаспората

  • Со бизнис-амбасадори во економски центри: Њујорк, Лондон, Торонто, Мелбурн…
  • Со годишен самит на дијаспората под државно покровителство, а не само НВО-настан
  • Со Економски совет при Кабинетот на премиерот

Претседателката ја отвори вратата.

Сега Мицкоски треба да ја отвори портата и да им рече:

Добредојдовте дома!

Македонија ве чека!

Please follow and like us: