Колумна на Слободан ТОМИЌ: “Истанбул без Путин и Трамп – Мир или само декор за глобалниот театар?”

Свет

Пишува: Слободан ТОМИЌ

На 15 мај 2025 година, во Истанбул, градот на вековни миротворни амбиции и судири на империјални интереси, светот повторно се собра околу маса , но без столови за главните играчи.

Владимир Путин и Доналд Трамп не се појавија. А без нив, што беше останато освен сенки и празни зборови?

ПОСТАВЕНА СЦЕНА, НО БЕЗ ГЛАВНИ ГЛУМЦИ

Преговорите во Истанбул беа најавувани со надеж , надеж дека по три години крвопролевање, разурнување и пропагандна војна, ќе се отвори вистински пат кон мирот.

Но таа надеж траеше само додека не стана јасно дека Путин нема да се појави, а Трамп, сега веќе претседател со влијание во сенка, ќе ја искористи својата отсутност како политичка порака.

Русија испрати делегација без авторитет – предводена од Владимир Медински, советник познат по неговите тврди ставови, но без право на одлучување.

Украинците, пак, дојдоа разочарани, внимателни, свесни дека ова е само уште една фаза од истата стара игра.

Без Путин и без Трамп, преговорите се претворија во дипломатска симулација. Без лидерите кои можат да го срушат или спасат светот со една одлука , останаа само среднорангирани технократи, облечени во костими, со говори полни со флоскули.

ЗОШТО ПУТИН НЕ ДОЈДЕ?

Путин знае дека без директен договор со САД, нема вистински мир.

Тој ја гледа Турција како корисен канал, но не како рамноправен партнер. Истанбул не беше место за компромис ,туку терен за покажување сила.

Неговата отсутност беше порака до Западот: или преговори на врвно ниво, или ќе продолжи „специјалната воена операција“.

Згора на сè, Москва е свесна дека Украина, без благослов од Вашингтон, нема право на вистинско одлучување. Отсуството на Путин беше одраз на недоверба , не кон Истанбул, туку кон структурата на преговорите.

ЗОШТО ТРАМП ЈА ИЗБЕГА СЦЕНАТА?

Доналд Трамп, иако не беше формален дел од преговорите, ја имаше можноста да испрати сигнал дека сака да го превземе водството во мировниот процес.

Но Трамп не игра на терен на другите, тој создава сопствени сцени.

За него, Истанбул беше декор на кој не сакаше да се појави ,бидејќи нема контрола врз сценариото.

Трамп подготвува свое влијание на конфликтот, веројатно преку директна средба со Путин ,нешто што би ја променило не само динамиката на руско-украинскиот конфликт, туку и рамнотежата на глобалната моќ.

МИРОТ ВО РАЦЕТЕ НА ЛАЖНИ МИРОТВОРЦИ?

Додека светот очекуваше чекори кон мир, од Истанбул стигнаа само бледи изјави за „приближување на ставовите“, без конкретни рокови, гаранции, ниту обврски.

Европските лидери аплаудираа, а медиумите објавија дека „напредок е постигнат“.

Но прашањето е ,кој напредок?

За кого?

НАТО продолжува со испорака на оружје.

Русија продолжува со офанзиви на истокот. САД молчат.

Кина набљудува, а Балканот трепери , знаејќи дека кога светот се распарчува, тресењето се чувствува најсилно кај најмалите.

БАЛКАНОТ – СЛЕДНАТА ШАХОВСКА ТАБЛА?

Македонија, Србија, Косово, Босна сите повторно стануваат геополитички пиони.

Мирот во Украина директно ќе влијае врз иднината на Балканот.

Ако големите се договорат без нас , ќе бидеме само колатерална штета.

Ако пак нема договор , ризикуваме да станеме дел од поширокиот фронт.

Токму затоа, Македонија мора веднаш да ја освести својата улога: активна, неутрална, но мудра.

Дипломатијата да стане оружје, пред оружјето да ја проголта дипломатијата.

Зашто мирот не се гради со соопштенија и твитови, туку со вистинска стратегија.

ИСТАНБУЛ КАКО СИМБОЛ НА ИЗГУБЕНА ШАНСА

Многумина го нарекоа Истанбулскиот самит „историски“.

Но историјата ќе го памети како момент кога светот не беше подготвен за вистински мир.

Не затоа што немаше услови ,туку затоа што немаше волја.

Мирот денес не е невозможен , тој е одложен.

Сите знаат како изгледа решението, но никој не сака да го плати политичкиот трошок.

А додека лидерите тактизираат, обичните луѓе , и во Харков, и во Белград, и во Скопје , плаќаат со сопствениот живот.

ЗАКЛУЧОК: БЕЗ ПУТИН И ТРАМП – СВЕТОТ НЕ МРДА

Истанбул беше само уште една симулација.

Како театар без публика, без емоција и без вистинска драма.

Мирот нема да дојде од таму каде што го глумат туку од таму каде што ќе се роди храброста за вистински компромис.

Светот е уморен од декларации. Луѓето бараат дела.

А додека не дојде моментот Путин и Трамп да седнат на иста маса, и да го кренат телефонскиот повик што ќе ја смени историјата ,сите други преговори ќе бидат само увертира во нова фаза на конфликтот.

Please follow and like us: