Колумна на Слободан Томиќ: “Три во Едно – Анализа на времето што го живееме”

Македонија

Пишува: Слободан Томиќ

1. ВМРО-ДПМНЕ: Храбриот чекор кон морална прочистителна револуција

Во три децении македонски плурализам, немаше ниту една политичка сила што вистински се соочи со сопствените слабости. 

Партиите доаѓаа на власт со ветувања за реформи, за пресметка со криминалот, за обнова на системот. 

Но кога ќе стигнеа до столчињата, секогаш беа поважни компромисите со внатрепартиските картели, клиентелистичките мрежи и бизнис-структурите кои бараа поврат за вложеното.

Тоа што денес го прави ВМРО-ДПМНЕ, под водство на Христијан Мицкоски, е историски исклучок ,прв сериозен обид една партија да расчисти сама со себе.

И не станува збор за козметички маневри, туку за суштински процес:

  • Исклучување на компромитирани личности,
  • Дистанцирање од коруптивното наследство,
  • Градење нова кадровска вертикала на луѓе со кредибилитет, а не со партиски заслуги или финансиски придонеси.

Во суштина, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја прекине мафијашката логика според која политиката е средство за лично богатење, а не служба на државата. 

Тоа е чекор што е ризичен , особено во услови кога медиумите, НВО мрежите и странските лобија сè уште се навикнати да напаѓаат секоја самостојна иницијатива што не им одговара.

Мицкоски покажува државнички капацитет , подготвеност не само да победи, туку и да ја трансформира победата во одговорност. 

Тоа е пресврт што може да ја одбележи новата етапа во македонската политика , каде моралот и државниот интерес ќе бидат поважни од естаблишментските договори зад затворени врати.

2. СДСМ – Хаосот како последно оружје на политичка агонија

СДСМ повеќе не е класична политичка партија , тоа е мрежа на фрагментирани интереси, недефинирани лојалности и целосна загуба на национална визија. 

Денес, таа структура постои само за да спречи каква било обнова, реформа или враќање на нормалноста.

Со Зоран Заев, започна процесот на целосна деструкција на државноста:

  • Името беше отстапено под уцена,
  • Судството стана лична алатка на режимот,
  • Народот беше понижен преку лаги, скандали, и корупциски афери без последици.

Но она што е уште позагрижувачко е нивниот пост-режимски план: да го користат хаосот како инструмент на контрола. 

Поранешни министри, невладини финансирани од странски фондови, медиумски пропагандисти и западни амбасадори ,сè уште ја одржуваат таа инфраструктура на системска нестабилност.

СДСМ денес не нуди визија, не нуди политика, не нуди алтернатива ,туку само саботажа. 

Нивниот политички инстинкт вели: ако не можеме да владееме, ќе ја уништиме државата со себе. 

Тоа е политички нихилизам, претворен во агенда.

Оваа нова влада нема право на амнезија. 

Овој народ има меморија. 

А новата власт мора да има и одговорност:

  • За оние што се продадоа, мора да има пресуда.
  • За оние што ја крадеа државата, мора да има конфискација.
  • За оние што беа дел од политичкото предавство, мора да има трајно исклучување од јавниот живот.

3. Македонија и Велика Британија ,нов геополитички пат

Во сенка на врева од големите сили, Македонија направи потег што можеби ќе се покаже како еден од најзначајните чекори во нејзината пост-ослободителна историја: стратешкиот договор со Обединетото Кралство.

Ова не е само економска или техничка соработка. 

Тоа е ново геополитичко позиционирање.
Во време кога:

  • САД се фокусирани на внатрешна конфронтација,
  • Брисел е заробен од бирократија и идеолошка шизофренија,
  • Русија и Кина ги менуваат светските вектори,
  • Македонија ја отвора вратата за една независна, прагматична и силна алијанса со Лондон.

Што нуди Велика Британија?

  • Респект кон суверенитетот,
  • Стратешка безбедносна поддршка без политичка уцена,
  • Економска соработка без културна асимилација,
  • Политичка рамнотежа во време на глобална нестабилност.

Ова е сигнал: Македонија веќе не мора да чека на милоста на Брисел или Вашингтон. 

Таа може да биде активен субјект, со свои пријатели, свои интереси и сопствена визија.

Не станува збор за оддалечување од ЕУ или НАТО, туку за проширување на хоризонтот. 

Велика Британија, како слободна глобална сила, може да биде партнер на Македонија во новото време ,каде идеологијата не е пречка, а суверенитетот не е преговарачка валута.

За крај : Ерата на амнестија заврши. Почнува времето на пресметка.

Оваа анализа не е политичка пропаганда. 

Ова е обид за трезвено согледување на реалноста. Македонија има последна шанса да излезе од сенката на посткомунистичките елити, од западните експерименти, и од домашната корупциска жабокречина.

  • ВМРО-ДПМНЕ има историска можност да покаже што значи државотворност.
  • Народот има сила да ги поддржи реформите ,но сака вистина, не театар.
  • А светот околу нас веќе не е ист. И ако ние не се позиционираме паметно, другите ќе не позиционираат за нас.

Времето на двоумење е завршено. 

Сега е моментот , или ќе станеме држава со достоинство и јасна иднина, или ќе останеме вечна колонија со празно име и украдено срце.

Please follow and like us: