Колумна на Слободан ТОМИЌ – Каја Калас во Скопје: Дипломатско корзо или европска илузија со исти песни?

Македонија

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Западен Балкан , 2025: По патеката на Турција или експресна шанса како Украина?

Во Скопје доаѓа ново лице, со стари пораки, ова би можело да биде насловот на секоја европска посета во последните две децении.

Каја Калас, новата „железна дама“ на европската дипломатија, во петок доаѓа во Скопје. 

Но дали носи нешто различно од оние што пред неа го газеа истото скопско тло? 

Или пак ова е уште една туристичка тура, придружена со фрази, услови и „пријателски совети“?

ПРИЈАТЕЛСКИ ПОСЕТИ СО УЦЕНУВАЧКИ ТОН

Да бидеме искрени , секој европски претставник што ќе стапне во Македонија, не доаѓа со конкретни чекори за проширување, туку со флоскули: „реформи“, „добрососедство“, „европски вредности“.

 Само пред неколку дена, Антонио Кошта ја повтори истата плоча: „Нема план Б, спроведете го планот А“. Преведено , сменете го Уставот, амин на бугарските барања, и можеби некаде, некогаш…

Но народот веќе знае: сето ова нема никаква гаранција.

 Не се спроведува ниту едно ветување од Брисел, додека се бара од Македонија да ја жртвува државноста по делови , прво името, потоа јазикот, идентитетот, сега и историјата.

„КОРЗО“ НА ЕВРОПСКИ ЧЕЛНИЦИ СО ПРАЗНИ КОВЧЕЗИ

Каја Калас доаѓа по посетите на Белград и Приштина, пред тоа беше во Тирана, Подгорица, Сараево. 

Турнеја, како поп-ѕвезда. 

Но сите овие посети немаат никакво реално значење ако не се придружени со праведен однос кон секоја земја кандидат.

Македонија стана заложник на двојни стандарди. 

Додека Бугарија ја кочи со вето, додека во ЕУ се практикува реалполитика за членките со христијанска или геополитичка важност, земји како нашата се третираат како тестенини ,омекнете, па можеби ќе бидете сервирани.

ТУРЦИЈА: 60 ГОДИНИ ЧЕКАЊЕ , ИСТА СУДБИНА ЗА МАКЕДОНИЈА?

Колку чека Турција? 

Од 1963 година има асоцијативен договор. 

А од 1987 е кандидат. 

Но , Турција никогаш нема да биде примена. 

Зошто?

 Еден поранешен германски канцелар некогаш рече: „ЕУ е христијански клуб“. 

Други јавно изјавуваа дека „муслиманска земја нема шанси“.

Денес некои исти „вредносни“ принципи се применуваат и на Македонија. 

Само што овде се камуфлираат преку уцени , Преспа, бугарски диктат, нови уставни измени. 

Парадоксално, и покрај сите отстапки, Македонија е уште во чекалната.

ДВЕ БРЗИНИ: УКРАИНА И МОЛДАВИЈА ,ШАНСОНА НА ГЕОПОЛИТИКАТА

За Украина и Молдавија „зеленото светло“ стигна експресно. 

Без решени спорови, без преговори по 30 поглавја, без децениски чекања.

Зошто? 

Одговорот е јасен: геополитика. 

Европа ги зема тие што ѝ се потребни во моментот. 

Македонија, како мала и незаштитена, добива третман како последна во редот , ако не се самоуништиш по наш терк, нема ни членство.

КАЛАС, ЕСТОНКА ИЛИ ЛИТВАНКА , ИСТА СИМФОНИЈА НА ЛАЖНИ НАДЕЖИ

Да, Каја Калас е од Естонија. 

Земја што доби членство во ЕУ и НАТО во рекордно време.

 Таа веројатно ќе зборува за сигурност, за интеграции, за „иднината на младите“. 

Ќе се слика со претставници на студентите, ќе се ракува со Мицкоски и Муцунски, ќе одржи прес.

Но , пораката ќе биде иста: „Вратата е отворена, но прво сменете го Уставот“. А потоа ,ништо.

ШТО ТРЕБА ДА НАПРАВИ МАКЕДОНИЈА?

  • Прво, да ја прекине праксата на дипломатско подаништво.
  • Второ, да бара писмени гаранции, рокови и јасни обврски од Брисел.
  • Трето, да ја отвори дебатата за алтернативна надворешна политика , соработка со земји што не го условуваат македонскиот идентитет.
  • И конечно, да престане да ја жртвува државата во име на бескрајни преговори кои никогаш нема да завршат.

И ЗА КРАЈ : КАЛАС ДОАЃА, НАРОДОТ ЗНАЕ

Ова не е европска шанса, туку европска рутина.

 И додека Калас зборува за интеграции, народот ја слуша истата песна , без рефрен, без надеж.

Македонија мора конечно да сфати: иднината не е во постојано попуштање, туку во достоинствена позиција и стратешки партнерства со оние кои ја ценат , без уцени.

Нека дојде Калас. 

А ние да не ја повториме грешката од Преспа!

Please follow and like us: