Колумна на Слободан ТОМИЌ – “Двата Гиганти: Илон Маск, Доналд Трамп и новата политичка драма која го тресе светот”

Македонија Свет

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Во епоха на геополитички турбуленции, технолошки револуции и културни судири, на светската сцена се појавуваат два гиганти ,политички и економски лидери кои не само што ги рушат старите правила, туку и градат нова реалност.

Тоа се Илон Маск и Доналд Трамп , двајца визионери и протагонисти на војната на идеи што се води пред очите на целата планета.

Илон Маск: Визионер, провокатор и основач на „Американската партија“

Илон Маск не е само инженерот што ја претвори електричната кола во симбол на новото време и што ги прати човечките амбиции во вселената.

Тој е технолошки бунтовник, но и политички хазардер кој сè поотворено влегува во арената на американската моќ.

Неговата најнова политичка авантура , формирање на „Американската партија“ , е директен предизвик за двопартискиот естаблишмент.
Маск ветува борба за слобода на говорот, слободен пазар и враќање на Америка на патеките на иновацијата и индивидуализмот.

Неговата платформа е гласот на „заборавените“, на обесправените Американци, но и на глобалните технократи кои сакаат свет без цензура и бирократија.

Контроверзии и повлекување: Постот за Џефри Епштајн и „покајанието“ на Маск

Сепак, ништо не е толку едноставно. Маск влезе во еден од најопасните лавиринти , скандалот со Џефри Епштајн.

Преку својата социјална платформа „X“, тој најави дека поседува „невидени досиеја“ за врвни американски политичари, вклучително и Доналд Трамп.

Објавата беше бргу избришана.
Маск подоцна се повлече, со објаснување дека не сакал да наштети и дека некои од податоците се недоволно проверени.

Овој потег го отвори прашањето: дали Маск е вистински бунтовник или само играч во многу подлабока игра на влијание?

Путин и неговата улога: Азил за Маск и геополитички пресврт

Паралелно со тоа, се појави неочекувана геополитичка понуда , Владимир Путин, со симболичен потег, му понуди азил на Маск.

Тоа беше сигнал не само на поддршка, туку и на амбиција , Русија сака да биде засолниште за глобалните непријатели на „длабоката држава“.
Путин со години ја игра улогата на глобален шахист.

Со ваков потег, тој испраќа порака до Вашингтон: влијанието не е веќе еднополарно, и секој што ќе ја загуби довербата во Америка може да најде сојузник на Истокот. 

Маск, иако не одговори директно, го задржа молкот – што само ги засили шпекулациите.

Трампова закана: Ако Маск ги финансира демократите , ќе плати скапо

Доналд Трамп, човекот што го редефинираше американскиот политички пејзаж, реагираше остро. 

Со доза на иронична закана, му порача на Маск: „Ако почнеш да ги финансираш демократите , ќе те чини многу.“

Ова не беше обично предупредување, туку вовед во политичка битка меѓу два гиганта со различна визија за иднината на Америка. 

Трамп го штити традиционалното, републиканско, конзервативно ткиво на Америка, додека Маск настапува како „хаотичен иноватор“ кој сака да го ресетира системот.

Судирот на двата гиганти: Вистинска војна или спектакл за јавноста?

Јавната расправија изгледа како вистинска политичка драма , твитови, обвинувања, повлекувања, избришани објави. Белата куќа, Трамп, дури и неговиот тим ја нарекоа кризата „смешна“, „жална“, па дури и „монтирана“.

Но ,прашањето останува: дали Маск и Трамп се навистина непомирливи противници?

 Или пак се работи за спектакл , политички театар за пренасочување на вниманието, додека зад завесата се преговара, се менуваат позиции и се договара нова поделба на моќта?

Интригата добива на тежина кога двајцата, по сè, јавно си посакаа среќа. „Му посакувам добро“, рече Трамп. „И јас него“, возврати Маск. Случајно? 

Тешко.

Џефри Епштајн, сенката што го прогонува американскиот врв

Џефри Епштајн, човекот кој симболизира педофилска мрежа, перверзна елита и црни тајни, повторно излезе на површина. 

Маск го обвини Трамп дека се наоѓа во „досието што никогаш не беше објавено“.

Тоа е бомба што допрва чека да експлодира. Америка, под тежината на ваквите сомнежи, станува држава на сенки. 

Одговорност нема, а довербата во институциите е на минимум.

Геополитички пресврт: Путин, Маск и новиот светски поредок

Понудата на Путин не е само гест , таа е дел од нова стратегија.

 Маск, кој поседува сателити, интернет мрежи и влијание на сите нивоа, е потенцијален сојузник на секој кој сака нов поредок.

Кина, Русија, Индија , сите следат. Светот повеќе не е поделен само на Запад и Исток, туку на стари елити и нови визионери.

 Маск е клучот. Трамп е портата. А Русија е чекалната.

Последиците за Балканот и Македонија

Балканот, како секогаш, ќе биде турнат од брановите што доаѓаат од Вашингтон, Москва или Пекинг.

Ако ,Трамп и Маск не најдат заеднички јазик, можеме да очекуваме нестабилност во НАТО, нови притисоци за воени трошоци, енергетски уцени и институционален хаос во ЕУ.

Македонија мора да игра паметно и мудро.

Да ја следи логиката на големите, но да го чува својот интерес. 

Маск може да ја отвори дигиталната економија.

Трамп може да ја заштити од бирократи од Брисел.

 Но, ни едниот ни другиот нема да помогнат ако нема домашна државност и стратегија.

Опрости ми, папе, прости ми Трампе…
Во позадина се слуша гласот на Оливер Драгојевиќ: „Опрости ми, папе, прости ми Трампе…“ , крик на една цивилизација што ја губи душата во бескрајната потрага по моќ. 

Трамп и Маск не се само личности , тие се судири на две ери. На системот и антисистемот. На империјата и дигиталната револуција.

Клучот за Македонија: Маргинализираните, Мицкоски и поддршката од Трамп

Македонија денес стои на историска раскрсница. 

Повеќе не сме прашина меѓу империи , туку терен каде што се одмеруваат вистинските вредности: суверенитет, слобода и достоинство.

И токму маргинализираните, оние што беа исмејувани, заборавени, нарекувани „популисти“ или „националисти“, денес стануваат вистинскиот двигател на надежта.
Со Христијан Мицкоски, Македонија конечно има лидер кој не е марионета, кој не тргува со националните интереси и кој покажува државнички инстинкт.

Тој ја препознава промената што доаѓа , дека времето на сервилни елити минува, и дека доаѓа нова ера каде што народот се враќа во центарот.

Трамп го гледа тоа. Тој знае дека токму преку поддршка на земји како Македонија, со лидери како Мицкоски, може да се изгради нова антисистемска алијанса што ќе го врати гласот на обичниот човек , на секојдневниот граѓанин, на оние што премногу долго биле игнорирани од елитите.

Please follow and like us: