Пишува: Слободан ТОМИЌ

Во нормални држави, пасошот значи обврска, лојалност и граѓанска одговорност.
Кај нас, за некои , особено за дел од албанските политичари , тој е само инструмент за преговарање со други држави, други знамиња и други агенди.
Обама , родум од Кенија, ама лојален на САД
Барак Обама беше син на Кенијски татко, но стана претседател на САД.
Тој не се жалеше дека американскиот Устав не го признава неговото потекло, ниту бараше симболи од Африка во Белата куќа.
Тој ја водеше и бранеше Америка , затоа што беше Американец.
Што имаме кај нас?
Политички фигури кои се колнат во Република Македонија само кога се потребни гласови, но штом се затворат изборните кутии , се активираат стариот речник, старите рефлекси и вечната агенда: етнички апетити без државна одговорност.
Таравари , лице на лицемерието

Од сите, најгласен е Арбен Таравари. Самостојно излезе од коалицијата со ДУИ.
Самостојно излезе на избори. Самостојно доби 4 министерства.
И сега , наместо да преземе одговорност , тој повторно игра на картата на „загрозеноста“.
Во интервјуа на странски телевизии зборува за „скандал“ што 95% од државната администрација биле Македонци.
А во што е скандалот?
Скандалозно е тоа што и по 20 години двојазичност, квоти, рамковни вработувања и договори, повторно се глуми нееднаквост.
Скандалозно е што токму тие што беа во влади и функции, сега се преставуваат како жртви.
Ајде, некој нека потсети: кој беше министер на здравство и тоа два пати или два мандата во две влади, градоначалник, министер, заменик?
Одговорот ,токму тие што сега „се чудат“ како тоа државата не им припаѓа.
Пасошот не е подарок – туку завет

Албанските граѓани на Македонија имаат исто право како сите други.
Но политичката елита што ги води , не бара еднаквост, туку доминација. Бара сè, нуди ништо.
Сака министерства, но не сака одговорност.
Сака преговарање со Брисел, ама од Приштина.
Сака ЕУ интеграции, ама со реторика од 90-тите.
Државата не може да биде постојан заложник на вечна уцена.
Или сме сите заедно, или некој треба да каже: „јас не сум дел од ова“.
И да се повлече.
А не да оди во влада со четири министерства , па да се жали по телевизии во соседството.
Македонија не е дивоградба

Политичкиот однос кон Македонија личи на односот кон простор без сопственик , секој си гради што сака, каде сака и како сака.
И тоа не само во урбанизмот ,туку и во политиката, медиумите, институциите.
Македонија не е ничија приватна парцела,или прчија!
Таа е држава со темели, историја и светост за сите нејзини граѓани.
Затоа, дивоградбите , и буквални и политички ,се обид да се избрише концептот на држава.
Но, тоа нема да помине.
Македонскиот народ, и како род и како државјанство, е темел , не привремен станар.
ВЛЕН и македонската иднина

Нова коалиција, нови надежи.
ВЛЕН има историска шанса да биде фактор на стабилност, а не на уцени.
Да биде дел од европскиот проект, не продолжеток на старите етно-наративи.
Но за тоа треба државнички ум , не партиска алчност.
Иако некои се обидуваат да го вплеткаат ВЛЕН во истата стара матрица, реалноста е поинаква. Народот очекува реформи, правда и почит кон државата не маркетинг за надворешна употреба.



