Пишува: Слободан ТОМИЌ

Софиското Тактизирање , Класична Игра на Нерви врз Македонскиот Грб
Софија продолжува со својата упорна, деструктивна игра на тактизирање, со ароганција која граничи со безобразлук.
Додека Скопје, со трпение кое веќе станува синоним за национална фрустрација, чека било каков одговор од бугарска страна за наводна средба на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, Бугарија ужива во својата позиција на моќ, користејќи ја секоја можност да ги демонстрира своите блокади.
Македонската влада е во постојана комуникација со ЕК ,како некој студент кој моли за поправен испит, а ЕК е само гласник што пренесува лажни надежи.
Бугарските власти, пак, веројатно уживаат во оваа дипломатска тортура, додека европските партнери,молчат.
Премиерот Мицкоски, исто како и претседателката Сиљановска Давкова, се покажуваат како конструктивни до наивност, изјавувајќи подготвеност за дијалог дури и со бугарскиот премиер Жељазков, иако протоколот налага средба со претседателот.
Овој гест е чин на добра волја кој Софија го толкува како слабост, продолжувајќи да ја блокира Македонија на евроинтегративниот пат.
Нивната неподготвеност да седне на маса, дури и на маргините на еден ваков важен настан како Самитот на НАТО, е јасен доказ за злонамерната стратегија на одолговлекување и понижување на Македонија.
Цинизам од Брисел: ЕУ како празен звук и Сијарто како реалност

Лицемерието на Европската Унија достигнува апсурдни размери, а унгарскиот министер Петер Сијарто е еден од ретките кои се осмелуваат да го наречат со вистинското име.
Неговата изјава дека проширувањето е најголемиот лажен проблем, на Унијата е болно за вистинита.
Додека европските лидери пред камерите шират слатки приказни за европска иднина на Западниот Балкан, зад затворени врати продолжуваат да се спроведуваат нечисти игри кои ја држат Македонија како заложник!
Дваесет години чекање, со константни изговори и нови блокади, се директен доказ за дволичниот однос на Брисел.
Прашањето на Сијарто: „Дали некој во светот со здрав разум, би рекол дека Украина е во подобра состојба од земјите во Западен Балкан?“, е реторичко, но истовремено и разорно по својата искреност !
Како може земја во војна, со уништена инфраструктура и без демократски капацитети, да добие зелено светло пред држави кои со децении се трудат да ги исполнат критериумите?
Одговорот е прост: геополитички интереси над принципи, и цинизам над правда.
Унгарија, барем, покажува дека се уште има земји кои не сакаат да играат по бугарски ноти.
Македонскиот став: Национален идентитет , црвена линија, нема Повлекување!
И покрај сите притисоци и европско-бугарски игри, Македонија не смее да попушти!
Премиерот Мицкоски и министерот Муцунски јасно ставија до знаење: нема отстапување од идентитетот.
Ова е апсолутна црвена линија, нешто што мора да се разбере во Брисел и Софија.
Македонскиот јазик и национална посебност , не се предмет на преговори, ниту пак може да се жртвуваат за некакво лажно европско ветување.
Бугарските барања, вклучително и вештачкото инсистирање на вметнување на бугарската заедница во Уставот, не се ништо друго освен уцена.
Тие се дел од стратегија за ревизија на македонската историја и негирање на македонската нација.
Македонија бара гаранции дека нема да има нови условувања ,нешто што, со оглед на досегашното искуство, е тешко да се добие од една земја која постојано менува барања.
Време е европските партнери да сфатат дека доволно е доволно,и крај!
Бугарска ароганција: Права на малцинствата или политичка агенда?
Бугарскиот премиер Жељазков, на средбата со Советот на Европа, дрско изјавува дека Бугарија е еднаква на највисоките европски стандарди, додека во исто време го кочи европскиот пат на соседна држава поради иредентистички барања.
Неговите зборови за заштита на правата на бугарската заедница во Македонија, се празна фраза зад која се крие политичка агенда.
За каква заштита зборуваме, кога Бугарија ги блокира европските аспирации на Македонија и ги понижува Македонците?
Ова е грубо злоупотребување на европските принципи за човекови права и права на малцинствата.
Додека, Бугарија не ги решава сопствените проблеми со малцинствата, таа се обидува да диктира внатрешни работи на суверена држава.
Оваа двојна игра е срам за европските вредности и мора да биде јасно осудена од сите страни.
Планот А, Планот Б и Трамповата картотека: Време е за вистински притисок

Посетата на Антонио Кошта и неговите „слатки“ пораки за „План А“ , односно уставни измени , се веќе досадни и нереални.
Кошта, како и многу други европски функционери, продолжува да инсистира на нешто што е неприфатливо за македонскиот народ без никакви гаранции.
Неговата изјава дека „нема за што друго да преговараме“ е директна навреда за суверенитетот на Македонија.
Но, по оваа изјава, доаѓа и зракот надеж од Каја Калас: ако нема „План А“, тогаш се работи на „План Б“!
Ова значи директно вклучување на САД и ЕУ за да се дисциплинира Бугарија и да се натера да го смени својот деструктивен курс.
Присуството на Доналд Трамп на Самитот на НАТО на 24-25 јуни во Хаг може да биде клучен момент.

Дали ова им влева страв и паника на Румен Радев и бугарскиот премиер?
Апсолутно!
Трамп е познат по неговиот директен и бескомпромисен пристап.
Ако неговата администрација се ангажира во решавање на овој проблем, бугарската опструкција може брзо да се соочи со сериозни последици.
Време е европските лидери да престанат со празните ветувања и да покажат вистинска лидерска способност.
Бугарија мора да биде притисната, а Македонија мора да добие праведна шанса за напредок, без постојани уцени и негирање на идентитетот.





