Пишува: Слободан Томиќ

Во екот на геополитичките турбуленции, пред Самитот на НАТО во Хаг, еден од најважните гласови од минатото повторно се слушна – гласот на британскиот дипломат и прв медијатор на ЕУ во грчко-македонскиот спор, амбасадорот Робин О’Нил.
Во ексклузивното интервју за „Политички магазин” Вечер со Слободан ТОМИЌ”на ТВ Вистел, О’Нил изрече серија пораки кои не се само дипломатски ставови, туку историски потсетници со острина на предупредување.
„Уште во 1992 предупредив: ако Грција го одбие предлогот ‘Република Македонија (Скопје)’, ќе добие нешто полошо – име што сепак ќе го содржи зборот Македонија.
Тоа и се случи“, изјави амбасадорот, нагласувајќи дека и покрај тогашниот инает, Македонија го задржа своето име, својот идентитет и историска вертикала.
Бугарија денес ја повторува грчката грешка од вчера

Со искуство и визија, О’Нил испраќа директна порака , дека патот на Македонија кон ЕУ не смее да биде заложник на бугарскиот диктат. Вели:
„Прашањата што ги отвора Бугарија се практични, не уставни. За нив постојат европски механизми.
Едно вето не смее да го држи цел еден народ во европско заложништво.“
Ова не е само дипломатска критика. Ова е сведоштво од човек кој ја познава суштината на конфликтот, и ја гледа неправдата која денес се повторува, само со други актери.
Моја оценка: Македонија не е проблемот, Европа што молчи е проблемот

Како новинар кој пред 25 години го праша Солана за кантонизација на Косово, знам што значи визија и храброст да се проговори предвреме.
Затоа денес, кога Робин О’Нил го крева гласот, не смееме да молчиме. Напротив, ова е време на вистината.
Бугарија се обидува да ја контролира историјата, идентитетот и иднината на една држава преку блокади и апсурдни барања.
Но Македонија не е жртва.
Македонија е доказ дека и покрај предавства, понижувања и ветувања без покритие, еден народ може да опстане со дигнитет.
Не сме ние проблемот , проблемот е во системот што дозволува уцени
„Ниту Грција тогаш, ниту Бугарија денес – немаат право да ѝ наметнуваат идентитет на една нација. Европа што не го слуша гласот на вистината, станува заложник на негирање.“
Ова е мојата порака, не само до Брисел, туку и до сите оние што молчат од комодитет.
Затоа, денес кога Робин О’Нил повикува на акција, тоа не е само дипломатски сигнал, тоа е историска шанса Европа да се соочи со својата совест.



