Пишува: Слободан Томиќ

Овој пат не станува збор само за внесување на Бугарите, туку за бришење на Македонците!
Зад параванот на технички и формални измени на Уставот, на Македонија ѝ се подметнува проект од длабока историска последица.
Не станува збор само за внесување на Бугарите, туку за внесување на механизам кој има потенцијал суштински да ја смени природата, структурата и иднината на македонската држава.
Ова не е интеграција.
Ова е трансформација.
Од унитарна во поделена држава.
Од македонски народ , во административна етничка категорија.
Од Македонија , во нешто што ќе го изгуби сопствениот идентитет.
Играта не ја води само Бугарија, туку и одредени структури во Европската Унија
Сите држави имаат право да ги штитат своите национални интереси – па така и Бугарија.
Но, вистинскиот проблем настанува кога одредени бирократски кругови во ЕУ отворено ги поддржуваат нивните ултиматуми.
Тие не се заинтересирани за вистинско проширување.
Нивната агенда е насочена кон усогласување на Балканот, преку редефинирање на идентитетите, историјата и вредностите.
Македонија е избрана за тест-полигон.
И сето тоа се прави зад параванот на европски вредности.
Скандалозниот настап на еврокомесарката Марта Кос не е дипломатска случајност, туку свесна демонстрација на ароганција и потценување.
Таа не дојде да помогне, туку да провери колку сме слаби и дали сме подготвени да се откажеме од себе.
Марта Кос , лице на Европа што ја губи вербата во нациите
Изјавата на еврокомесарката дека македонскиот идентитет е „тавче-гравче, пиперки и пинџур“ претставува најдолното понижување на еден народ од страна на претставник на Европската Унија во нејзината историја.
Тоа не е шега. Тоа е симболичко бришење.
Тоа е дипломатски расизам.
Тоа е сигнал од Европа која не ве признава како народ, туку како фолклорен предмет.
Наместо да ја санкционираат ваквата навреда, европските институции молчат.
Тоа е уште поопасно од самата изјава, бидејќи го легитимира однесувањето на Кос како прифатливо.
Христијан Мицкоски , лидер под невидени притисоци, но со јасна линија на отпор

Некои се обидуваат да создадат впечаток дека премиерот Мицкоски нешто крие или води двојна игра.
Но, неговата изјава: „нема да тече мед и млеко“ е токму спротивното , сигнал за сериозноста на моментот, но и за трезвеноста на пристапот.
Мицкоски не попушти.
Не отвори врата за капитулација.
Не се согласи да биде продолжена рака на странски диктати.
Тој балансира помеѓу огромен надворешен притисок и огромна домашна одговорност.
Тој ја знае тежината на моментот и се труди да ја задржи државата исправена, и покрај тоа што од сите страни се влече кон колена.
СДСМ и ДУИ , отворени поддржувачи на навредувачите и уставната ерозија
Во време кога секој достоен политичар треба да го брани достоинството на својот народ, СДСМ реагира со млака изјава дека веруваат оти Кос немала лоша намера.
Наместо гнев , тие понудија сервилност.
ДУИ отиде чекор понатаму , ја нападна Владата што не ја поддржала Кос, и ја обвини за негостопримливост.
Тоа е врв на политичкиот цинизам. Партија што постои во Македонија ја брани Европејка која ги понижи Македонците.
Со тоа, СДСМ и ДУИ само уште еднаш го потврдуваат она што народот одамна го знае , тие не се глас на македонските граѓани, туку на странските амбасади.
Во позадина: тивка трансформација на државата кон двонационален модел
Уставните измени се само прв чекор. Зад нив се крие визија што никој не се осмелува јавно да ја признае: трансформација на Македонија во двонационална, конфедерална држава.
Тоа подразбира:
- Официјализација на двонационалноста;
- Придвижување кон уставна рамноправност на сите етнички заедници;
- Редефинирање на историскиот субјект – македонскиот народ – како само една од „заедниците“;
- Отворање простор за нови идентитетски барања и етнички условувања.
Тоа не е европска агенда.
Тоа е декомпозиција.
Тоа е бришење, не градење.
Јавно протестно писмо до Урсула фон дер Лајен, глас на отпор и достоинство
Како новинар со четири децении искуство, како сведок на сите европски и балкански превирања, и како Македонец кој длабоко ја чувствува неправдата кон својот народ, јавно испратив протестно писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Оваа нота не е излив на личен гнев. Тоа е крик на народот кој е понижен, исмеван и по втор пат ставен на распродажба.
Ја упатив оваа реакција во името на сите Македонци кои не сакаат да бидат третирани како маргина во сопствениот дом.
Барам и упатувам порака до сите институции, медиуми и граѓански гласови кои се подготвени да ѝ се спротивстават на оваа неправда и ароганција од страна на Европската Унија преку Марта Кос , јавно да дадат гласност, поддршка и обединување околу оваа протестна нота.
Овој документ не треба да остане само акт на Слободан Томиќ, туку да стане симболичен обнибус на народен отпор.
Глас на македонскиот народ, а не на поединец.
Оваа реакција мора да се прошири, да добие институционална и општествена тежина, за да биде јасно дека ова не е момент за молк, туку миг за национално будење.
Европа мора да не слушне ,но за да не
чуе, мораме заедно и гласно да зборуваме.
Јас секогаш сум бил и ќе останам за Европа.
Но , не за Европа на потчинетите.
Туку за Европа на еднаквите.
Европа на Моне и Шуман, не на Кос и бугарскиот меморандум ( диктат).
Резиме: Македонија нема право да молчи, ова е последната линија на отпорот
Ова не се само уставни измени. Ова е тест , дали постоиме како народ или сме само облик без содржина.
Дали достоинството има цена, или е неприкосновена вредност.
Македонија не е тавче-гравче. Македонија е име, историја, идентитет, иднина.
И ако сега молчиме , утре нема да имаме што да кажеме.











