Колумна на Слободан Томиќ – Македонија на гас и на шини: Енергетска инфраструктура како геополитичка осовина

Македонија Регион

Пишува: Слободан Томиќ

Слободан Томиќ

Одговор на ЕУ без тапа резолуција: со гас во цевките и со шини на 200 км/ч

Во денот кога Европскиот парламент со бирократска ароганција го деградираше македонскиот јазик, а со тоа и нашиот идентитет, Македонија возврати не со деманти, туку со дела. 

Од Демир Капија до Гевгелија, машините роваат. Цевките се заваруваат. 

Трасата се пробива низ карпи. На терен, државата зборува со челик и визија.

 Истовремено, додека од таборот на скептицизмот се исмеваше амбицијата за брза железница, 16 реномирани меѓународни институции испратија писмо за интерес да ја финансираат пругата што ќе ја претвори Македонија во железничка оска на Европа.

Мицкоски: Интерконекторот не е цевка, туку суверенитет со природен гас

„Овој гасоводен интерконектор ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување за индустријата и домаќинствата, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите,“ порача премиерот Христијан Мицкоски, ставајќи ја првата политичка потпора на технолошката структура што ќе ја менува иднината. Интерконекторот, долг 67 километри, ја поврзува Македонија со грчката енергетска мрежа и светските ЛНГ пазари. 

Ова е историски потег, ослободување од енергетско ропство и премин во нова ера на диверзифицирани извори.

Сања Божиновска: „Повеќе не сме заложници“

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, со државничка решителност порача: „Повеќе не сме заложници на енергетска зависност и инфраструктурна изолација.

 Денес ја поставуваме нашата земја на мапата како регионален лидер, силна, поврзана и независна.“ 

Ова не е само гасовод, ова е енергетска декларација за самостојност. 

Оваа инфраструктура е појас за спас и економска стабилност.

Мухамет Елмази, Номагас: Ова е проект на генерациска вредност

Директорот на НОМАГАС, Мухамет Елмази, истакна дека: „Ова е капитален и стратешки проект. Со него ја зајакнуваме енергетската безбедност и диверзификацијата на изворите.“ 

На терен се пробиени 12 километри, се совладуваат реки, железници и карпи, со специјализирана механизација и македонска стручност. 

Ова не е симболика , ова е материјализирана визија.

„Рапид билд“: Македонска компанија на европски тендер

Тендерот за изградба го доби домашната фирма „Рапид билд“, управувана од Тони Каранфиловски. Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кои заеднички го финансираат проектот со 60 милиони евра, го поздравија тоа како доказ дека Македонија има економски потенцијал и техничка зрелост.

Амбасадорите Агелер и Рокас: Пријателствата се посилни од бирократијата

„Партнерствата со пријателите и соседите се многу поважни од бирократски и политички маневри,“ рече амбасадорката на САД, Анџела Агелер, додека европскиот амбасадор Михаилис Рокас ги пофали релевантните институции во Македонија за нивната визија и упорност.

Гасоводот ќе ја наполни Македонија со енергија, конкурентност и чистота

Со гасот што ќе тече:
– Индустријата ќе работи постабилно и поефтино.
– Домаќинствата ќе имаат пониски сметки.
– Ќе се намали загадувањето – гасот ќе го замени дрвото и мазутот.

Брзата пруга: 16 странски гиганти сакаат да ја финансираат Македонија

Од Министерството за финансии беа испратени покани до 24 меѓународни финансиски институции од:
– Европа
– САД
– Јапонија
– Обединетото Кралство

Од нив, 16 институции веќе доставија писмо за интерес да ја финансираат изградбата на брзата пруга од Табановце до Гевгелија. 

Проектот е вреден 1,91 милијарди евра и претставува најголемата транспортна инвестиција во поновата историја на Македонија.

Министер Николовски: 70% домашно учество во градбата , гордост и прилика!

„Овој проект е економски исплатлив, технички зрел и геополитички неопходен. 

Добро е што 70% од градежните работи ќе ги изведуваат домашни компании, што е досега невидено во проекти од овој ранг,“ изјави министерот за транспорт и врски Александар Николовски.

Најава за иднината: пруга со 200 кмч, гас со 100% сигурност

Брзата пруга ќе овозможи:
– 200 км/ч за патнички и
– 120 км/ч за товарен сообраќај.

Официјалниот старт на градбата се очекува кон крајот на есента или на почетокот од пролетта 2026 година, по изборот на најповолен кредитор и изведувач.

Резиме: Жирафата не ги слуша мајмуните , Македонија гледа над проблемите

Додека некои не прекоруваат, други не поддржуваат. 

Но ,најважно , ние се гледаме самите себе. И се градиме. 

Со интерконекторот, со пругата, со домашен изведувач и странски пари, Македонија станува енергетска и транспортна крстосница на целиот регион. 

Тоа не се зборови , тоа е судбина што ја изградивме со свои раце. 

Идентитетот ни го бришат на хартија. Но на терен, ние го гравираме во камен.

Please follow and like us: