Колумна на Слободан Томиќ – Една изборна единица, eден народ, едно знаме, глас од Македонија, ехо во светот!

Македонија Свет

Пишува: Слободан Томиќ

Слободан Томиќ

Македонската судбина не е внатрешна работа.
Таа е прашање на историска светлина или мрак.
Деновиве, во сенка на бришењето на македонскиот јазик и идентитет од извештајот на Европскиот парламент, се потврди уште еднаш: Македонија ја сакаат без лице, без име, без јазик.
Затоа е потребно повеќе од реакција – потребен е отпор.

А овој отпор има нова, јасна форма: една изборна единица, рамноправност за дијаспората, и враќање на суверенитетот во рацете на народот.

Шест изборни единици , систем кој ја ослабува демократијата

Сегашниот модел со шест изборни единици е најголемата измама на т.н. демократија.

Тој систем создава лажна рамнотежа и вистинска манипулација.
Гласовите не вредат подеднакво, мандатите не произлегуваат од волјата на граѓаните, туку од математички пресметки.

Во него, народот гласа, но елитите избираат. 

А најчесто тие што владеат, веќе се договориле пред гласачот да стигне до ливчето.

Дијаспората, столбот што го држи домот, а сепак останува надвор

Со децении, Македонецот од дијаспората е срцето што чука надвор од телото на државата. Го бранеше името кога други молчеа.

Го пееше македонското кога тука го бркаа. 

Инвестираше, праќаше, донираше… но кога требаше да гласа, беше исклучен од процесот.

Затоа, одлуката на премиерот Христијан Мицкоски да ја прифати иницијативата за една изборна единица и целосно учество на дијаспората во изборниот процес, не е политички гест, туку национален чин.
Тоа е чин на признание, достоинство и правичност.

Џорџ Атанасоски, САД: „Без Македонија, светот не би ја имал својата душа!“

Џорџ Атанасоски, стопанственик, медиумски пионер и духовен столб на македонската дијаспора во САД, со децении зборува она што многумина од домашните елити немаат храброст да го кажат: Македонија не е само географска територија , таа е цивилизациска вредност.

„Ако сакаме вистинска, демократска, македонска држава, мора да имаме една изборна единица“, изјави уште пред три децении, во времето кога повеќето политичари молчеа пред неправдата. 

А денес, кога Европскиот парламент го избриша ‘македонскиот јазик’ од сопствениот извештај, Атанасоски зборува уште погласно:

„Ова не е само навреда , ова е стратегија за бришење.

 Ни го одземаат јазикот, историјата, името. 

Но, не сфаќаат дека не не’ бришат затоа што сме слаби , туку затоа што сме силни. 

Затоа што го носиме огнот на Балканот во себе, а тој оган се плаши од лагата.“

„Без Македонија, светот не би ја имал својата душа. 

Без Македонија, Балканот е без корен. Европа не нè брише по грешка – туку по дизајн. 

А нашиот одговор не е насилство, туку достоинствен отпор: бараме глас! Дајте ни го правото да гласаме! 

Не како милостина, туку како наша света обврска , обврска кон татковината, кон дедовината, кон иднината.“

„Една изборна единица не е технички амандман , тоа е духовна декларација: сите сме еден народ, и сите треба да бидеме слушнати. Само тогаш Македонија ќе биде вистински своја.“

Ристо Дурлоски, Канада: „Кога ќе не’ бришат од Брисел, не боли документ, боли крв!“

Во далечниот Торонто, таму каде зимата замрзнува, но не и љубовта кон Македонија, Ристо Дурлоски – претседател на најмоќната македонска организација во Канада, ‘Обединети Македонци’ , ја крева вистината што премногу долго била потисната:

„Дијаспората не е украс на нацијата , таа е нејзината жила. Кога не’ избркаа, не молчевме. Кога не’ заборавија, не се откажавме. 

Кога не’ прелажаа со договори, пак останавме Македонци.

 Но сега , бараме еден минимум: глас! И не за себе , туку за иднината!“

„Кога Брисел го избриша зборот ‘македонски’, тоа не беше само политичка порака. 

Тоа беше духовна агресија. 

Удар по сите што ја носиме Македонија во себе. 

Тоа не боли како вест – тоа боли како жива рана.“

„Една изборна единица е почеток на исправување на децениската неправда. 

Сакаме да гласаме, не од љубопитност , туку од љубов. 

Од должност. Од немир. Од вера. 

Ние не сме публика на македонската историја , ние сме соавтори.“

„Доста беше тишина. Доста беше амнезија. Македонија нè има низ целиот свет – време е да не’ слушне! 

Обединети сме не само по име , туку по срце, јазик и крв.

 Дојде часот кога дијаспората не моли, туку повикува: една изборна единица за еден народ, без граници!“

Маја Георгиевска, претседателка на Демократската партија на Македонците во Србија: „Ние не сме само глас во туѓина – ние сме срцето на Македонија!“

Маја Георгиевска, храбар и непокорен глас на македонската заедница во Србија, ја претставува болката и силата на сите што се чувствуваат заборавени и игнорирани.

„Со години, македонската дијаспора во Србија беше третирана како статистика, како бројка во некоја табела.

Но, ние сме живи луѓе, гласни и присутни, организирани и решени да се бориме за своите права.“

„Дијаспората не е некој надворешен елемент , таа е составен дел од македонската нација.

 Нашите корени се длабоки, нашиот јазик е нашата душа, а нашата борба е борба за опстанок.“

„Една изборна единица значи еднаквост, единство и правда. 

Тоа е шанса да кажеме: Ние сме еден народ, со едно име, една судбина и еден глас.“

„Сега е моментот, не само да бараме туку и да добиеме достоинство и место во иднината на Македонија. Заедно сме посилни. Заедно сме Македонија.“

Орце Ламбевски, Хрватска: „Да, сме далеку, но кога плачеме, плачеме на македонски!“

Орце Ламбевски, еден од најгласните претставници на македонската заедница во Хрватска, не зборува за политика , тој зборува за болка. За достоинство. 

За децении тивко чување на идентитетот, додека другите го погребуваа. 

Во Загреб, Сплит, Ријека – Македонците молчеле, но никогаш не заборавиле.

„Кога сите се срамеа од името, ние го пишувавме со крв на внатрешните ѕидови на нашите домови. 

Кога ги менуваа учебниците, ние ги учевме децата на наш јазик од касети и тефтери.

 Кога не’ прогласуваа за малцинство без вредност , ние не се откажавме.“

„Ние сме гласот што одекнува низ вековите. Ние сме споменикот на живите што не се предаваат. 

Гласаме не за да победиме, туку за да опстанеме.“

Христијан Мицкоски: „Демократијата не смее да биде игра без народ!“

Во време кога политиката е или молк или предавство, Христијан Мицкоски избра трет пат: исправување. Гласно. Јасно. Без калкулации. 

Прифаќањето на иницијативата за една изборна единица и целосно вклучување на дијаспората не е реформа , тоа е историска правда.

„Македонија е целина. Без нејзината дијаспора  таа е осакатена. Без еднаквост на гласовите  таа е нефункционална. Без директно учество на народот – таа е заложник на елити. Тоа мора да се смени.“

Мицкоски не зборува за победа на партија – туку за победа на државата: „Демократија значи еднаквост. 

Не може некој во Берово да тежи 1, а некој во Мелбурн 0. 

Тоа не е изборен систем , тоа е систем на селекција. И со таа неправда завршуваме.“

„Ќе ги отвориме вратите за сите Македонци. Ќе го вратиме гласот таму каде што припаѓа – кај народот. 

Затоа што државата која не го слуша својот народ, на крај ќе го слуша неговиот гнев. А јас верувам – Македонија може да се врати себеси само ако си го врати својот народ. Секој глас , еднакво важен. Секој човек ,еднакво Македонија.“

Македонија е на карта, и нема да исчезне ако ние не исчезнеме!
Нè бришат од документи.
Ќе не бришат и од мапи.
Но не можат да не избришат од срцата.
Од душите.
Од генот.
Од името Ѓорѓи.
Од песната „Македонско девојче“.
Од солзите на бабите што ги бакнуваат иконите за внуците во Австралија.
Од ѕидовите на црквите во Њу Џерси. Од мирисот на липите во Берово.
Македонија нема да ја зачува Европа. Ќе ја зачуваме ние.
Со глас.
Со борба.
Со изборна правда.
Една изборна единица, не е политички предлог.
Тоа е викање на правдата дома.

Please follow and like us: