Колумна на Слободан ТОМИЌ – Коцката е фрлена, градоначалници на готовс!

Македонија

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Локалните избори 2025, судбоносниот тест за Македонија

На 19 октомври Македонија ќе се соочи со најзначајните локални избори во својата современа историја. 

Ова не е само уште едно гласање, ова е судбоносна пресвртница.

Ќе продолжиме ли да тонеме во калта на корупцијата, клиентелизмот и неспособноста или конечно ќе ја заземеме државата во свои раце?

Овие избори се повеќе од политичка процедура, тие се борба за иднината на секој македонски граѓанин.

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, патот кон победата и промените

Под водство на Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ влегува во изборната трка со силна енергија и убедлива поддршка од народот.

Оваа партија не нуди празни ветувања, таа носи јасен план за урбан развој, борба против корупцијата и враќање на довербата во институциите.

Работата на терен, изборот на чесни и стручни кандидати и непосредниот контакт со граѓаните ја прават ВМРО-ДПМНЕ главниот фаворит за победа.

Но, таа победа носи и обврска, да се испорачаат резултати и да се покаже дека Македонија може да се води чесно и ефикасно.

СДСМ, партија без визија и без иднина!

СДСМ е во целосен политички пад. Недостигот на квалитетни кандидати, внатрешните поделби и низа корупциски афери ја доведоа партијата до историски најниско ниво на доверба.

Нивниот пораз на овие избори не е само веројатен, тој е неизбежен. 

Ако резултатот биде катастрофален, СДСМ ризикува да исчезне од политичката сцена, следејќи го патот на грчкиот PASOK.

ЛАДЕЊЕ НА СЛАДОЛЕДИТЕ, ФОТОГРАФИИ ОД ХАЛКИДИКИ СО ЗАЕВ, ФИЛИПЧЕ И ТРАЈАНОВСКИ

Според фотографии објавени од македонски портали и медиуми, актуелниот и поранешниот лидер на СДСМ, Венко Филипче и Зоран Заев, заедно со кандидатот за градоначалник на Аеродром, Александар Трајановски, беа забележани како уживаат на јахта на брегот на Халкидики. 

Овие јавни информации предизвикаа бројни реакции во јавноста, бидејќи додека во Скопје трае жестока кампања за локалните избори, овие политичари беа видени како се одмораат и се оддалечуваат од реалните проблеми на граѓаните.

Чаир, бастионот на ДУИ пред пад?

Чаир со години беше неприкосновена територија на ДУИ. Но оваа година, коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ВЛЕН го предизвикува нивното владеење.

Изет Меџити и Бујар Османи влегуваат во директен судир, но и еден од нив носи багаж од долгогодишно учество во системот.

Овие избори ќе покажат дали Чаир е подготвен за промена или ќе остане заробен во старата матрица на политички интереси и корупција.

Али Ахмети, крај на една ера?!

Повеќе од две децении, Али Ахмети е меѓу највлијателните политички фигури во Македонија. Но неговото време полека истекува.

Со политика заснована на поделби и заштита на лични и партиски интереси, Ахмети ја кочи државата на патот кон вистински реформи. Овие избори може да бидат почеток на крајот на неговата политичка доминација.

Арбен Таравари, од реформатор до политички камелеон

Гостиварскиот градоначалник и министер за здравство, Арбен Таравари, умее да се прилагодува, но честопати на штета на принципите.

Од близок соработник на Мицкоски и Ахмети, до нивен критичар, неговите политички пресврти предизвикуваат сомнеж во искреноста на неговите намери.

Дополнително, кадровските промени во здравството, со кои беа сменети искусни лекари, покажуваат дека кај него личните и партиските интереси често имаат предност пред јавниот.

Максим Димитриевски и ЗНАМ, локална сила со национални амбиции

Во Куманово, Максим Димитриевски со движењето ЗНАМ успеа да привлече голем број разочарани гласачи од СДСМ.

Ако се кандидира за нов мандат, неговата победа би можела да ја потврди пропаста на традиционалните партиски монополи.

Левица и Апасиев, меѓу критиката и опасноста од поларизација

Левица и нејзиниот лидер Димитар Апасиев се силен глас против постојниот систем.

Но, нивната остра реторика носи ризик од дополнителни поделби во општеството.

Гласачите ќе треба внимателно да проценат дали нивниот радикален пристап е решение или дополнителен проблем.

Независните кандидати, свеж ветер во политиката

Во некои општини, особено во Карпош, независните кандидати имаат реална шанса да ги поразат старите политички структури.

Нивната сила е во директната доверба на граѓаните, но за победа ќе биде потребна масовна излезност и јасна поддршка од локалната заедница.

Скопје, клучната победа!

Битката за главниот град е симболична и стратешка.

Победата во Скопје ќе значи политичка потврда на новата насока на државата.

Орце Георгиевски е фаворит за градоначалник, со јасна програма за уреден урбанизам, инфраструктура, чиста животна средина и борба против корупцијата.

Карпош, општина на можности и изненадувања

Во Карпош, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, има реална шанса да го промени досегашното политичко статус кво.

Со локалните избори Октомври 2025, ќе се покаже дали Скопје е подготвено за нова генерација локални лидери.

Please follow and like us: