Македонскиот модел: од беда до грофови, преку лаги, крв и предавство

Пишува: Слободан Томиќ
Време е некој конечно да ги заузда дивите арамиски гнезда: криминалците, корупционерите и антимакедонците.
Народот на последните избори му даде јасен карт-бланш на човекот кој симболизира отпор кон мафијата, неправдата и предавството.
Тоа е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер, проф. д-р Христијан Мицкоски.

Над 600.000 гласови не се само победа. Тие се аманет, повик и одговорност.
Мицкоски вети, а народот очекува конечно да се стави крај на општественото зло и проклетство кое ја изеде Македонија одвнатре.
Очекува да се заузда корумпираниот систем, да се урне мафијашкиот октопод врежан во судството, обвинителството и администрацијата и конечно да дојде правда таму каде што со децении владееше неказнивост.
Оваа анализа е сведоштво, предупредување, но и манифест на надежта дека оваа власт, за првпат по три децении, нема да биде продолжена рака на криминалот, туку негов крај.
Обвинителството , последното засолниште на организираниот криминал

Во нормални држави обвинителот го гони криминалот. Во Македонија обвинителот го штити.
Јавните обвинители не се бранители на законот, туку чувари на системот.
Тие ги закопуваат предметите толку длабоко што ни археолози не би ги пронашле.
Тие не бараат правда, тие ја погребуваат вистината.
Кога мафијата прави милиони од нарко-бизнисот, обвинителот гледа на другата страна.
Кога партијата краде преку фирми блиски до властодршците, обвинителот молчи.
Кога новинар ќе објави скандал, обвинителот реагира, но не со истрага, туку со притисок врз новинарот.
Македонските обвинители денес се стражари на мафијата, а не на законот.
Нивниот страв не е од правдата, туку од партискиот лидер кој ги држи во фиока.
Судиите, преоблечени џелати на правдата

Народот не верува во судството. И со право.
Судии без образ, без чест и без заклетва судат по телефонски нарачки.
Секоја пресуда има цена. Секоја ослободителна одлука има ценовник.
Тие што украдоа милиони се слободни. Тие што фалсификуваа избори се амнестирани.
Тие што ги продадоа националните интереси се наградени.
Судиите во Македонија станаа последниот чин на државното предавство.
Наместо независност, тие избраа партиска послушност.
Потоа следува награда: куќа на Водно, викендица во Маврово, студии за децата во Виена, школување во Лондон.
Политичарите, новата олигархија од уличари и празноглавци

Македонската политичка сцена е пазар на човечки отпад.
Нема идеологија. Нема визија. Нема одговорност.
Само апетит за моќ, за провизија, за девизи.
Од шверцер на цигари до пратеник или градоначалник.
Од дилер во село до советник на премиер.
Од пропаднат активист до министер со четири секретарки.
Функциите се делат како флаери на улица.
Ако си донел педесет гласа, ако си „наш“, добиваш државна фирма, советничко место или пералница за пари од корупција.
Директорите , тешка индустрија на тендерскиот грабеж

Денешниот македонски директор не е менаџер, туку касиер на партијата.
Во здравството реагенси се купуваат по цена на злато.
Во образованието таблети за ученици не работат.
Во инфраструктурата улици се топат по првиот дожд.
Ниту еден проект не минува без провизија.
Ниту еден директор не паѓа, бидејќи зад него стои партија, а пред него уплашен народ кој молчи.
Псевдоинтелектуалците, таканаречени мудреци
Професорот не подучува, туку замајува.
Интелектуалецот не разобличува, туку замачкува.
Аналитичарот не анализира, туку рецитира партиски ставови.
Најгласните се најплатените.
Најприсутните се најпразните.
Најцитираните се најневеродостојните.
Овие таканаречени мудреци не се совеста на нацијата, туку курири на режимот.
Тие се лаборатории за релативизација.
Секоја власт ги купува на тарифа, на услуга, на повик.
Народот, без вистина, останува гол, слеп и манипулиран.
Каде се парите?
Прага, Виена, Атина, Лондон, Дубаи.
Вашите пари се расфрлани низ светот.
Во Виена речиси цела улица е купена.
Во Лондон станови се купуваат на адреси што не знаете ни како се изговараат.
Во Прага има апартмани и бизнис-простории во центарот.
Во Атина и на брегот никнуваат вили со базени.
Во Дубаи, во облакодери од осумдесет и осум ката, македонски функционери купуваат станови со поглед на вештачки рај.
И сето тоа за луѓе со плата од илјада евра.
Сведоштво од функционер
„Во животот планирав да бидам во затвор четири или пет години за да обезбедам иднина за моите внуци и правнуци.
Затоа, во младоста крадев, за да живеам во староста.“
Ова е суштината.
Неказнивоста и неодговорноста создадоа систем каде кражбата се оправдува, а неправдата се легализира.
Историски контекст

Од 8 септември 1991 до 2025 година македонските институции и политичари ограбија милијарди евра.
Индексот на перцепција на корупција за 2024 изнесува 40 од 100. Македонија е на 88. место од 180 земји.
Осумдесет и девет проценти од граѓаните сметаат дека корупцијата е распространета.
Довербата во судовите е под три проценти.
Седумдесет проценти изразуваат недоверба во владата, судовите и јавните обвинители.
Системот е имунизиран против правда.
Поента и завршен збор
Секој што мисли дека може да краде, да лаже и да предава без казна , живее во илузија.
Но, народот знае, историјата помни, а вистината нема да може да се сокрие.
Македонија е свето место кое грешниците се обидуваат да го окупираат.
Предавството не е само морална слабост , тоа е системски феномен кој ја разјадува државата.
Неказнивоста и методите на функционерите од 1991 до денес создаваат безредие и хаос.
Време е за одговорност и правда. Време е народот да си го бара своето.
Со Господ напред – правда нема да се купи, а вистината нема да се сокрие.
Затоа , време е за одговорност.
Време е за правда. Време е!








