Во време кога сè помалку млади се интересираат за традиционалните занаети, 24-годишните Дамјан Ристовски и Сара Јакимовска, другари од детство, ги оживуваат македонската култура и традиција преку изработката на народни носии и ткаењето на разбој – занает што, за жал, сѐ повеќе изумира.
Тие започнале да учат ткаење на разбој многу млади и денес имаат сопствен дуќан во центарот на Скопје – „Народни носии“, каде што изработуваат и продаваат македонски носии, појаси, скутини, килими и сувенири инспирирани од богатата традиција.
– Од љубопитство до животна професија
За Дамјан сè започнало уште во детството, инспириран од неговата баба.
„Мојата љубов кон традицијата и носиите се роди во мојот дом бидејќи баба ми сѐ уште чуваше народна носија и некако од љубопитност ја прашав дали имала носија, дали ја зачувала. Таа со радост ми одговори дека има, ќе ми ја покаже и ќе видам како изгледа една стара народна носија уште од нејзината мајка, како и нејзината народна носија“, вели Дамјан за Анадолу.


Тој вели дека бил воодушевен кога ги видел тие парчиња и решен професионално да се занимава со ткаење.
На почетокот баба му се двоумела дали да го научи да ткае, но на крајот му помогнала.
„Баба ми беше изненадена, најпрвин не ми дозволуваше да ткаам бидејќи во минатото тоа го работеле само жените по селата, мажите ги изработувале разбоите, меѓутоа не ткаеле на нив, но кога виде дека сум упорен и решен да научам да ткаам едноставно ми помогна“, додава Дамјан.
По речиси една деценија работа, тој денес има колекција од околу 90 народни носии од различни региони. Некои се комплетни, а други во процес на дополнување со „раритетни предмети“ што потешко се наоѓаат на терен.
Во нивниот дуќан има два разбоја – еден постар, од 1970 година и друг нов, набавен од Србија.
На нив најчесто ткаат појаси и скутини – делови од народната носија, но работат и на специјални нарачки за модни креатори и уметници.
– Заеднички пат и инспирација
Сара за Анадолу раскажува дека заедничката приказна со ткаењето започнала благодарение на бабата на Дамјан.
„Од мали сме заедно. Прво тој пројави интерес, а јас го гледав и почнав да се интересирам. Започнавме заедно да учиме, нѐ учеше неговата баба. Таа е најголем виновник за тоа што сме денес“, вели Сара.

За неа инспирација е богатството на македонската традиција.
„Имаме толку уникатни работи, целиот процес на изработка на носија, песните, општо сѐ од нашата традиција. Ние користиме само природни материјали – памук, волна, свила“, објаснува таа.
Нивниот дуќан е поделен на два дела – работен простор со разбои и дел за продажба со сувенири и носии.
Тие веќе одржале и обуки – на жена од Северна Македонија, како и на девојка од Франција која три месеци учела во Скопје.
За Сара, најтежок дел е сновењето на разбојот, за кое се потребни трпение и време, а најлесен е последниот – ткаењето.
– Враќање на разбојот од заборав
И покрај тоа што денес малкумина се занимаваат со ткаење, младите ентузијасти веруваат дека нивната работа инспирира нови генерации.
„Го враќаме разбојот од заборав, го оживуваме и ја провоцираме младата публика да се запраша што е всушност разбој, како се работи на него. Како некогаш жените работеле во своите домови, тоа им било секојдневие“, вели Дамјан.
На прашањето што би им порачала на младитe, Сара вели: „Би им порачала да се држат до традицијата, да не ја избегнуваат, таа е дел од нас.“
Со нивната посветеност, младите ткајачи не само што ткаат носии и создаваат уникатни парчиња туку оставаат и трајна трага во зачувувањето на македонската културна оставнина.

