Колумна на Слободан Томиќ – Али Ахмети: Унитарна Македонија, на јазик што не го говори?!

Македонија

Пишува: Слободан Томиќ

Слободан Томиќ

Кога зборовите ја газат вистината

„Албанците, вчера, денес и утре се залагаме за унитарна, заедничка и еднаква Македонија“, пишува Али Ахмети во својата последна колумна.

Но, реченицата, иако звучно спакувана, делува повеќе како обид за политичко перење на минатото, отколку како искрен повик за заедништво. 

Ахмети зборува за унитарност, но целата негова политичка и воена биографија сведочи спротивно: паравојска, етнички поделби, јазичен сецесионизам и упорна албанизација на институциите.

Како може да се зборува за унитарна држава, кога не се признава нејзиниот официјален јазик?

Јазикот, тест за државност

Македонскиот јазик не е само симбол, туку и функционален темел на државата.

Али Ахмети, како коалициски лидер во власт повеќе од 20 години, никогаш не се обрати на македонски, ниту во парламентот, ниту на прес-конференции, ниту на државни свечености.

Тоа не е од незнаење.

Тоа е став. 

Политички сигнал. Одбивањето да се зборува македонски е истовремено и одбивање на јазичната рамноправност со мнозинството, одбивање на унитарноста за која наводно се залага.

Ахмети по мајка, Македонец?

Во едно телевизиско сведочење, поранешен албански министер откри дека Али Ахмети е Македонец по мајка со муслиманска вероисповед, а сето ова се сведоштва од изјави на политичари, како и македонски политичари од муслиманска вероисповед, кои дадоа јавни изјави за Али Ахмети, неговата мајка и неговата побрерзаност дека е Македонец.

Зошто тогаш не го зборува тој јазик? 

Зошто го крие тоа потекло?

Очигледно затоа што тој идентитет не се вклопува во наративот за „албанскиот борец за слобода“, кој од Тетово до Тирана ја гради својата политичка митологија.

Тиранска платформа, без македонски контекст

Ахмети сака да биде перцепиран како граѓански лидер. Но, неговото делување покажува нешто друго:

  • Зошто ја поддржа Тиранската платформа, пишувана во кабинетот на Еди Рама?
  • Зошто редовно се координира со косовските и албанските власти?
  • Зошто присуствуваше на манифестации со мапи на „Голема Албанија“, кои вклучуваат делови од Македонија?

Ако навистина нема „друга татковина“, зошто постојано се однесува како да има?

ОНА: командант, не демократ

Ахмети не започна како политичар, туку како командант на ОНА, организација која во моето ексклузивно интервју со поранешната државна секретарка Медлин Олбрајт, дадено во вирот на војната во Македонија, март 2001, јасно кажав дека не го поддржуваме Али Ахмети; тој е екстремист и неговата паравојска е екстремистичка.

ОНА не се бореше за демократија, туку за етничко прекројување на државата. Крвопролевањето не беше протест, туку стратегија. 

Амнестијата што ја доби не ја прекина неговата агенда, само ја префрли од шумата во институциите.

ДУИ: од власт не се оди, се вгнездува

ДУИ, партијата на Ахмети, со години управува со клучни ресори: енергетика, животна средина, транспорт, образование, администрација.

Резултатите се очајни:

  • Распадната ЕЛЕМ и корупциски тендери
  • Најзагадени градови во Европа
  • Образовен систем поделен по етнички линии
  • Партиски вработувања според етничка припадност

И сето тоа додека Ахмети зборува за „прогон“. 

Од кого? 

Од своите коалициски партнери со кои владее?

Албанскиот јазик, од право до уцена

Албанскиот јазик денес е официјален на целата територија.
Институциите функционираат двојазично.

Но,тој јазик, наместо да биде мост, често станува инструмент за политичка уцена и поделба.

Кога јазикот не се користи за разбирање, туку за притисок, нема заедништво. 

Постои само етнички раздор.

Национализмот како стара љубов

Ахмети вели: „Редок е лидерот што не се занесува во национализам.“
Но, токму тој:

  • Бараше премиер Албанец, не врз основа на резултат, туку на етничка припадност
  • Поставуваше јазик и знаме како уцена
  • Се закануваше со институционални блокади

Тоа не е европска политика. 

Тоа е ориентален политички пазар во кој државата се сече по етнички шеми.

Колку чини митот за „татко на мирот“?

Медиумите и ПР-машинеријата што го глорифицираат Ахмети треба да одговорат:

  • Зошто не го зборува македонскиот јазик?
  • Зошто поддржа платформа пишувана во Тирана?
  • Зошто се сликаше покрај мапи на „Голема Албанија“?
  • Зошто се крие неговото торбешко потекло?
  • И најважно: зошто човекот што почна со оружје, денес се нарекува гарант на мирот?

Мир не е декларација. 

Мир е кога ќе престане уцената, поделбата и политичкото лицемерие.

Македонија не му должи ништо на Ахмети

Македонија не е создадена во 2001 година.
Не е проект на Тирана, ниту на партиски платформи.
Таа е резултат на вековна историја, жртви и труд на сите граѓани.
Ќе опстане само ако:

  • Се врати институционалната рамнотежа
  • Се почитува државниот јазик
  • Се отфрли етничката уцена
  • Се избере вистината наместо митот

Резиме: Македонија пред избор

СДСМ -ДУИ, “како и досега “…

Како што Ахмети за СДСМ вели, соработката била, е и ќе биде како и досега; тоа го потврди и Венко Филипче на Пресс конференција вчера дека на овие локални избори, октомври 2025, коалиција ќе прават СДСМ и ДУИ или старите камарати како и досега.

Македонија или ќе остане унитарна, граѓанска и цела држава, или ќе биде жртва на идеи што декларативно ја сакаат, а суштински ја разградуваат.

Ахмети може да зборува за заедништво, но тоа нема тежина додека нема почит кон државата, јазикот, вистината, и кон сите граѓани, не само кон неговата етничка база.

Please follow and like us: