Колумна на Слободан ТОМИЌ – Духовниот бедем на нацијата: Македонската православна црква како последна тврдина на идентитетот

Македонија Свет

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

Кога политичарите се поданични, а црквата достоинствена, народот има каде да се врати

Македонската православна вера: неизменета низ вековите, одбивана од туѓи црковни центри, но призната од народот и од Бога

Во време кога длабоката држава ги диктира вредностите на јавниот дискурс, кога политичката сервилност се претставува како „европска доблест“, и кога црковната вистина е нападната од надворешни и внатрешни центри на моќ, Македонската православна црква останува последната тврдина на автентичниот македонски идентитет.

И додека јавноста е преплавена со дневнополитички сензации, површни дебати и деструктивни предлози, црковниот глас се слуша , тивко, достоинствено, и со вековна смиреност. Она што политичарите не можат да го дефинираат, црквата го живее.

Македонецот во туѓина: иселеник по судбина, чувар на душата по определба

Посетите на духовниот поглавар на МПЦ, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во САД и Канада не се дипломатска формалност.

Тие се литургиски одговор на повикот на народот во туѓина, кој, иако далеку, не е заборавен од својата црква.

Во овие храмови се чуваат не само икони и крстови, туку и најдлабоките кодови на народната меморија , јазикот, традицијата, обичаите и љубовта кон татковината.

Македонецот во дијаспората го учи своето дете на „Со маки сум се родил“, не од носталгија, туку од обврска.

Токму црквата му е темелот: храмот, свештеникот и заедницата се потсетник дека не е само иселеник , туку продолжение на светородниот корен што никако не смее да откине.

Битката за црковната вистина: молчаливата агресија на Фанар и доброволната сервилност на некои партии дома

Македонската црква, иако канонски признаена од Српската православна црква и од бројни други помесни православни цркви – меѓу кои и Православната црква на Америка , сѐ уште е игнорирана, па дури и поткопувана од Цариградската патријаршија (Фанар). Тоа молчаливо, но подмолно одбивање да се признае автентичната автокефалност на МПЦ е израз на црковна надменост која сака да го диктира македонскиот духовен пат.

Истовремено, во внатрешноста на самата држава, одредени политички партии , СДСМ, Левица и остатокот од посткомунистичкиот апарат , не само што не се интегрираат во националната стратегија, туку намерно се однесуваат како да немаат ништо заедничко со оваа земја, освен сопствената биографија. Наместо да го зацврстат ставот околу МПЦ, тие молчат или, полошо, се додворуваат на црковни центри кои бараат од Македонија да се одрече од самата себе.

Црквата како стожер на културниот отпор: идентитетот не е проект, туку наследство

Црквата не е само институција. Таа е народот, таа е живата традиција, таа е македонската евангелска душа. Таа е гласот што вели: „Само оној што си го знае и си го љуби своето минато, може да има здрава сегашност и иднина.“ Затоа црквата не учи само на вера, туку и на припадност, достоинство, отпор против релативизирањето.

И не случајно токму црквата е последното место каде што младите можат да слушнат македонски говор без комплекс, да научат историја без префрлања, да почувствуваат идентитет без вина. Тоа е поразително за институциите, но величествено за верата.

И кога технологијата владее, тишината на црквата зборува повеќе

Во општество кое го слави брзото, спектакуларното и гласното, црквата повикува на тишина. На молитва. На човечност. Таа не бара аплауз, туку преобразба.
Во време кога човекот мисли дека сѐ може да најде со еден клик, црквата потсетува дека смислата не се наоѓа на интернет, туку во срцето. И токму затоа, младите кои се разочарани од светот без вредности , го наоѓаат патот назад, во православието. И тоа е надеж.

Немакедонската потписничка политика: Вториот бугарски протокол како државно самооткажување

Во овој контекст, не може да се премолчи и срамниот чин на потпишување на т.н. Втор протокол со Бугарија од страна на немакедонец , тогашниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, во коалиција со Димитар Ковачевски и политички наследник на Зоран Заев. Тој документ не беше направен ниту за мир, ниту за вистина, туку како обврска кон надворешен диктат. Потпишан во тајност, без народен консензус, со содржини што го релативизираат македонскиот јазик, историја и идентитет.

Поднесениот предлог до Уставниот суд за утврдување на неуставноста и незаконитоста на овој Протокол е чин на правен и национален отпор. Тоа не е само обврска на судот , тоа е тест за опстанокот на државата. Сѐ што е создадено со уцена, со туѓа агенда и без народна волја , не може да биде ниту трајно, ниту праведно.

Македонската црква, не само вера, туку и чувар на државноста

И затоа, Македонската православна црква останува не само духовен бастион, туку и единствениот системски чувар на нацијата, тогаш кога сите други институции паѓаат на испитот на служење на народот. Таа не менува ставови на секои избори. Не потпишува документи под притисок. Не го менува Евангелието за грант.

И токму затоа, последната порака што треба да ја врежеме во нашето паметење, нашето срце и нашето државничко постоење е:

„Македонци, останете добри чеда на Мајката Македонска православна црква и добри синови и ќерки на нашата Татковина , Македонија!“

Please follow and like us: