Силен земјотрес со магнитуда од 6.0 степени доцна синоќа го потресе источниот дел на Авганистан, во кој, според официјални претставници, загинале над 250 лица, јавува Анадолу.
Властите започнаа голема спасувачка операција во источната авганистанска покраина Кунар, која беше погодена од земјотресот додека повеќето жители спиеја.
Администрацијата распореди хеликоптери за спасување и воздушен транспорт на повредените, бидејќи патиштата се блокирани поради лизгање на земјиштето, што ги спречува спасувачките екипи да стигнат до неколку погодени области, изјави за Анадолу претставник на Министерството за информации.
Над 250 луѓе се загинати, најмалку 500 се повредени, а бројот на жртви веројатно ќе се зголеми, додаде тој.
Локалното население го опиша земјотресот како еден од најмоќните земјотреси што ја погодиле земјата.
Геолошкиот завод на САД (USGS) го регистрира земјотресот во 23:47 часот по локално време, на 27 километри источно-североисточно од Џалалабад на длабочина од 8 километри.
Регистрирани се жртви во областите Нур Гал, Савки, Ватпур, Маноги и Чапа Дара во покраината Кунар.
Официјалниот претставник рече дека бројот на загинати и повредени не е конечен бидејќи сè уште се комуницира со локалните жители во многу оддалечени области, а екипите за помош се на пат.
Патиштата што водат до Дева Гул во областа Савки и особено до Мазар Дара во областа Нур Гул се блокирани поради лизгање на земјиштето.
Портпаролот на привремената администрација на Авганистан, Забихула Муџахид, потврди дека земјотресот предизвикал жртви.
„За жал, вечерашниот земјотрес предизвика загуба на животи и материјална штета во некои од нашите источни провинции“, напиша тој на платформата на американската компанија за социјални медиуми X.
Муџахид истакна дека локалните претставници и жителите се вклучени во спасувачките напори, а екипи за поддршка од централните и блиските провинции се упатуваат кон областа.
„Сите расположиви ресурси ќе бидат искористени за да се спасат животи“, додаде тој.
Најмалку уште два други земјотреси со магнитуда од 5,2 степени се регистрирани во истото подрачје по силниот потрес, според Геолошкиот завод на САД.

