Пишува: Слободан ТОМИЌ

Македонија поставува услови, Европа првпат прифаќа
По две децении понижувања, диктати и бескрајни преговори, Македонија конечно ја враќа сопствената позиција во дипломатската рамнотежа.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за првпат јавно призна дека македонските барања се разумни и дека се потребни гаранции оти нема да има нови услови по евентуалната промена на Уставот.
„Она што е договорено, е договорено. Но исто така е разумно да ѝ се даде гаранција на Македонија дека нема да се појават нови барања во иднина“, изјави Кошта по средбата со бугарскиот премиер во Софија.
Ова е премолчена победа на македонската дипломатија , но не каква што ја водеше претходната власт, туку нова: достоинствена, принципиелна и одмерена политика, предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.
Дипломатска потврда на македонските „црвени линии“
За првпат, Европската Унија преку свој висок функционер не само што покажува разбирање, туку де факто ги прифаќа позициите на македонскиот државен врв.
Ставот дека нема уставни измени без конкретни, правно обврзувачки европски гаранции одамна е јавно и доследно застапуван од Сиљановска и Мицкоски, и дури сега, 16 месеци по почетокот на нивниот заеднички политички настап , се артикулира од највисоко европско ниво.
Ова не е мала работа. Ова е доказ дека кога Македонија знае што брани, Европа мора да слуша.
Политика со принцип, а не со наведната глава
Во времето на СДСМ и ДУИ, одлуките се носеа под притисок, со сервилност и наивна доверба во европските ветувања.
Со Сиљановска и Мицкоски, Македонија ја смени парадигмата: од покорност, во фактор на меѓународната сцена.
Оваа промена започна уште во мај 2024 година, кога Сиљановска, на средбата со италијанскиот претседател Матарела, јасно ја изложи позицијата дека нема устав без гаранции.
Истата таа позиција денес ја рефлектира и Кошта.
Во меѓувреме, премиерот Мицкоски, уште како лидер на опозицијата, ја постави темата за гаранции како услов за влез во нова уставна авантура.
Не устав за „ветер“, туку договор со достоинство
Македонија е земја што досега 36 пати го менувала својот Устав, главно под надворешен притисок.
Тоа го потврди и претседателката Сиљановска во едно од своите интервјуа , и тоа е реалност што не може да се игнорира.
Неопходно е ЕУ конечно да разбере дека идентитетот, историјата и правниот поредок на една држава не се монета за размена, туку темел на нејзиниот легитимитет и опстанок.
Кошта, без да го признае експлицитно, де факто призна:
„Доста беше! Македонија направи доволно. Ако сакаме таа да остане европска, мора да ѝ се даде сигурност.“
Што добиваме со гаранции? Безбедност, предвидливост, рамноправност
Гаранциите не се каприц.
Тие се заштита од нови уцени.
Зашто Бугарија не престанува да испраќа закани , дека ова е само првиот услов, дека ќе има уште барања, дека македонскиот јазик е дијалект, дека историјата треба да се ревидира.
Гаранциите се безбедносен појас за држава која премногу пати беше излажана.
Ставот на Кошта дека треба да се увери Македонија оти нема да има нови барања не е дипломатски куртоазен коментар, туку пресврт.
Тоа е првиот сигнал дека ЕУ ја губи трпеливоста со бескрајните уцени од Софија.
Бугарија продолжува да се заканува, но ЕУ веќе не е глува
И покрај изјавата на бугарскиот премиер Жељазков дека „Софија нема нови барања“, неговата прес-конференција го демантира тоа тврдење.
Тој повторно го бара впишувањето на Бугарите во Уставот, а иницијативата за преиспитување на уставноста на Протоколот ја нарекува „неоправдана“.
Од друга страна, Македонија цврсто стои на ставот дека нема уставни измени без членство или, барем, без јасно запишани и гарантирани обврски.
Тоа не е инает , тоа е закон на самоодбрана.
Од покорност до државност

Досегашната надворешна политика, водена од Заев, Димитров, Османи и Ковачевски, го доведе прашањето на националниот идентитет до точка на исчезнување.
Новата епоха, предводена од Сиљановска и Мицкоски, ја враќа државноста како услов за сојузништво.
Македонија не е земја што моли, туку држава што поставува.
И Европа почнува да го разбира тоа.
Од слепо следење до јасен став
Досегашниот модел на надворешна политика ја правеше Македонија слаб партнер во својата Европа.
Со новата стратегија, Македонија се враќа како држава што зборува јасно, аргументирано и со достоинство.
Тоа е суштината на првиот дипломатски успех:
ЕУ конечно ја слуша Македонија , а не само што ѝ зборува.
Финале: Европа мора да избере, или фер сојуз, или ново понижување

Македонија не може и не смее да прифати нова промена на Уставот без правно обврзувачки механизам што ќе ја гарантира европската интеграција.
Доколку ЕУ навистина ја сака Македонија во своето семејство , нека го покаже тоа на дело.
Доколку Бугарија нема други барања , нека потпише дека ова е последно.
Доколку Европа е за фер третман , нека ѝ понуди на Македонија истото што ѝ го понуди на секоја друга држава: влез без уцени.
Сега е редот на Брисел да покаже дали неговата Унија е заедница на вредности или на условувања.
Македонија веќе кажа:
„Доста беше. Сега сме ние на потег, и ќе зборуваме јасно.“











