Колумна на Слободан ТОМИЌ – ЗБОГУМ, МАКРОН, ADIEU, MACRON!

Македонија Свет

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

СЕНА ГО ВИДЕ КАКО СЕ ГУБИ ВО СОПСТВЕНАТА САМОТИЈА

Сликата што ја обиколи Европа беше симболична и поучна: човекот кој некогаш се дрзна да ја блокира судбината на Македонија, денес талка сам покрај Сена, под мрачни облаци, без насмевка, без иднина. 

Емануел Макрон , човекот кој си поигра со сонот на еден народ , денес го чувствува сопствениот политички залез. 

Судбината има чудна навика: го казнува секој што ќе застане на патот на правдата, идентитетот и достоинството.

ПРВИОТ ГРЕВ, ВЕТОТО ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА

Годината беше 2019. Македонија ги исполни сите европски барања, го проголта горчливиот залак наречен Преспански договор, го поднесе најголемото национално понижување во својата современа историја , и тогаш, кога требаше да се отвори портата кон Европа, Макрон ја затвори. 

Без причина, без логика, без етика.

Со еден потег на пенкалото, Франција рече „не“. 

Тоа „не“ беше нож во грбот на македонската надеж, а Емануел Макрон стана лице на новата европска неправда.

ВТОРИОТ ГРЕВ , „ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ“ И ЛАЖНАТА ЕВРОПСКА СОЛИДАРНОСТ

Кога народот веќе беше разочаран, кога тишината се претвораше во отпор, Макрон повторно се јави , но не за да исправи неправда, туку за да ја замота во целофан. 

Тогаш се појави „францускиот предлог“ , измама под етикета на дипломатски успех. 

Зад таа хартија се криеше истата стара болка: условување на македонскиот идентитет, релативизирање на македонскиот јазик, и оставување на Бугарија да го држи клучот од европската врата. 

Франција не донесе решение , донесе нова блокада. И тоа не беше предлог, тоа беше лабиринт.

ТРЕТИОТ ГРЕВ, ЛИЦЕМЕРИЕТО НА ЕВРОПСКИОТ ПРИНЦ

Макрон се претставуваше како визионер на нова Европа. 

Но, зад неговите зборови се криеше студена ароганција. 

Тој зборуваше за реформи во Унијата, а во исто време ја користеше Македонија како жртвен јарец. 

Зборуваше за „европска вредност“, а  дозволи на Софија да ни диктира што е наш јазик и која е нашата историја. Лицемерие е кога ќе ја наречеш Европа дом на сите, а потоа ќе ѝ ја затвориш вратата на најмирниот, најискрениот и најпожртвуваниот народ на Балканот. Такво лицемерие нема ни во античките трагедии.

ЧЕТВРТИОТ ГРЕВ, ВЕТОТО ПРОТИВ ИДНИНАТА

Денес, кога 16 држави од Унијата бараат да се укине правото на вето при одлуките за проширување, девет се против. 

Меѓу тие девет, повторно , Франција.

 Повторно Макрон. Наместо да ја води Европа кон правичност и стабилност, тој ја турка во бирократски мрак. 

Наместо да ја отвори Унијата за нови нации, ја претвора во затворен клуб на самобендисани елити. Тоа не е визија. 

Тоа е страв, а  стравот никогаш не гради иднина.

КАРМАТА НА ПАРИСКИТЕ ПРЕТСЕДАТЕЛИ

Интересно е, како да ги стигнува некоја невидлива сила сите француски претседатели кои се однесувале неправедно кон Македонија. 

Саркози велеше дека „Македонија нема шанса во ЕУ“ , сега е само фуснота во историјата. Оланд , заборавен, а  Макрон? Сликата говори повеќе од илјада зборови: сам, без придружба, покрај Сена. 

Падот на арогантните секогаш започнува со момент на самотија. Тоа не е политика , тоа е казна.

 Казна од народот, казна од времето, казна од сопствените дела.

ГЛАСОТ НА ФРАНЦУСКИОТ НАРОД, КРАЈ НА ЕПОХАТА НА МАКРОН

Французите, горд и слободољубив народ, го почувствуваа истото што го чувствувавме и ние , измама, манипулација, дистанца. 

Го обвинија за елитизам, за корупција, за оддалеченост од реалниот живот. 

Поранешниот премиер Едуар Филип го повика да свика предвремени претседателски избори. 

Расте бунтот, расте револтот, расте чувството дека неговото време помина. 

И можеби тоа е правдата на историјата , оној што некогаш им рече „не“ на Македонците, сега ги слуша „не“ од сопствениот народ.

ЗБОГУМ, МАКРОН, ADIEU, MACRON!

Не ти посакувам зло, господине Макрон. 

Но,секој човек мора да го плати долгот пред совеста, пред вистината и пред историјата. 

Ти го задуши македонскиот сон, но не успеа да го уништиш. 

Нашиот јазик живее, нашето име свети, нашето достоинство стои исправено пред сите ветришта на неправдата. 

Ти одиш, а Македонија останува. Европа ќе се смени, а ние ќе бидеме дел од неа , со своето име, со својот јазик, со својата чест.

Збогум, Макрон. Или како што би рекле твоите сонародници , Adieu, Macron.
И не заборавај: Македонија може да биде мала, но Господ никогаш не ја остава на колена.

Please follow and like us: