Пишува: Слободан ТОМИЌ

Македонија повторно ја најде својата сила. Народот проговори, а државата се врати на востинскиот пат.
Во првиот круг од локалните избори 2025, ВМРО–ДПМНЕ освои 32 општини, потврдувајќи ја довербата во Владата и премиерот Христијан Мицкоски.
Ова не е обична победа , ова е демонстрација на народната волја, која избира стабилност, ред и државничка мудрост над празните ветувања и поделбите на претходната власт.
Историска победа по 20 години во Струмица, општина која традиционално беше бастион на СДСМ, е само еден од доказите дека народот сака промена и ред. Вкупно, над 32 градоначалници се решени уште во првиот круг, а 20 кандидати се фаворити за вториот круг, вклучително и за град Скопје.
Од партијата велат дека резултатот е за дури 50 отсто подобар од претходните локални избори во 2021 година.
НАРОДНА ПОРАКА И ПАД НА ОПОЗИЦИЈАТА

Декласирани се СДСМ и ДУИ, а ВМРО, ДПМНЕ оценува дека оставка на Филипче би бил морален чин по ваков дебакл.
Лидерот Мицкоски уште синоќа испрати пораки до опозицијата, нагласувајќи дека стабилноста и државната одговорност се непоколебливи.
Сепак, партијата не дава коментар за најниската излезност досега и нагласува дека резултатите од парламентарните избори не треба да се споредуваат со локалните.
Од друга страна, СДСМ токму тоа го прави, забележувајќи дека власта изгубила речиси третина од гласовите од ланските парламентарни избори.
Падот на ВМРО–ДПМНЕ е 135.000 или 30,8% од гласовите, а ЗНАМ паѓа од 56.200 на 38.034 гласови, односно губи 33% од поддршката.
За разлика од нив, СДСМ има изгубено само 18%, што пониската излезност го минимизира како реална загуба.
Левица, која триумфално објави дека станува лидер на опозицијата, има изгубено ист процент како СДСМ, со мало подобрување во Скопје.
Иако очекувал повеќе, од резултатот со само тројца градоначалници задоволен е и самиот Филипче.
Оставка не дава, туку ќе работи на партиска консолидација. На оставка не упатуваат само од ВМРО–ДПМНЕ, туку и поранешниот прв човек на Струмица, Костадинов, кој не ја доби поддршката за нов мандат.
„Недозволиво е самоволието да продолжи да владее и со тоа секој член на СДСМ да биде понижен. Немојте да зборувате дека сте среќни со резултатот. Поголем пораз од ова нема. Час поскоро, секој што носел одлуки треба да се погледне во огледало и да признае дека не го бива. И да си оди“, напиша Костадинов на Фејсбук.
Од друга страна, Левица во еуфорична победа влегува во втор круг со Мециновиќ во Скопје и низа советници низ државата.
За Апасиев, ова е доказ дека партијата станала втора во македонскиот блок.
Двајцата кандидати за Скопје остануваат во силна битка во вториот круг, очекувајќи поддршка од доскорешните противкандидати, иако Ѓорѓиевски е апсолутен фаворит.
Вториот круг е закажан за 2 ноември.
ДРЖАВАТА НЕ Е ПОЛЕ ЗА ТРГОВИЈА, ТУКУ ЗА СЛУЖЕЊЕ

Државата не е плен за партиски кланови.
Таа е храм на заедничките вредности, кој мора да го штитат луѓе со совест, а не политички каматари.
Македонија долго беше заложник на привремени елити што ја сведеа на приватна каса и медиумски терен за манипулации.
Тоа време заврши. Мицкоски нуди политика што не се продава, политика што собира, гради и штити. Функцијата не е награда, туку одговорност.
ЕВРОПА НЕ Е УЦЕНА, ТАА Е НАШ ИЗБОР

Никој нема право да го претставува македонското членство во ЕУ како жртва на идентитетот.
Европа е простор на рамноправни нации, не на васали. Македонија ќе биде европска само ако е достоинствена , и сега е на пат да го докаже тоа.
ВНАТРЕШНА ОБНОВА, ФРОНТ НА ЧЕСТТА

Обновата започнува дома, во училиштата, судниците, министерствата и општините.
Корупцијата се бори со институции и правда за сите.
Мицкоски го отвора фронтот на чесни луѓе, професионалци и создаватели.
Народот бара ред, правда и сигурност , темел за европска иднина.
ВТОРИОТ КРУГ , ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА ПОБЕДАТА

Вториот круг е момент за заокружување на довербата.
Секој граѓанин што сака ред и стабилност мора да излезе и да ја покаже поддршката. Поделбите и суетите немаат место.
ЗАВРШНИ МАНИФЕСТ
Македонија нема да клечи.
Македонија нема да моли. Македонија нема да молчи.
Ова е генерацијата што го исправи државниот грб, го прекина циклусот на национално понижување и го отвори патот кон стабилна, унитарна и европска Македонија. 32 освоени општини се доказ за довербата во Владата и премиерот Мицкоски.
Вториот круг е за потврда на оваа доверба и за зацврстување на стабилноста.
Македонија станува. Македонија се враќа. Македонија победува.

