„Во времиња на измама, кажувањето на вистината е револуционерно дело.“

Џорџ Орвел
Пишува: Слободан ТОМИЌ

КОГА ЛОЈАЛНИТЕ ЛУЃЕ СЕ ТИВКИ, АМА КОГА ЌЕ ПРОГОВОРАТ – ПУКА ПАРТИЈАТА

Политиката често знае да скрие многу. Некои луѓе молчат од лојалност, не од страв.
Молчат за да не нанесат штета на партијата, на државата, на сопствените вредности. Но кога лојалниот кадар ќе реши да каже :
„доста е“, тогаш вистината станува поразителна за оние што мислеле дека се недопирливи.
Таков момент се случи.
Таков човек, Оливер Спасовски.
И токму затоа неговото зборување не е обична изјава, ова е првиот јасен, чист, безкомпромисен РЕЗ со политиката што Венко Филипче ја води под диригентската палка на Зоран Заев.
1.СПАСОВСКИ ПОБАРАЛ ДА СЕ СМЕНИ ОД КООРДИНАТОР – НО НЕ ПРИЗЕМНО, ТУКУ ПРИНЦИПИЕЛНО

Клучниот момент, кој Филипче и сенките зад него би сакале да го сокријат, е следниот:
Оливер Спасовски не бара разрешување поради поразот на избори.
Барал да се повлече ПОРАДИ ПРЕДЛОГ РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА БУГАРИЈА.
Тоа го менува целото политичко толкување.
Зошто?
Затоа што првпат некој од врвот на СДСМ јавно призна дека:
– имало внатрешни несогласувања,
– имало туркање „црвени линии“ како евтина козметика,
– имало стратегија на лажен патриотизам,
– имало лидерство кое работело „на далечинско управување“ од Заев.
Фактот дека Спасовски се спротивставил во тој момент, и тоа пред години, значи дека во СДСМ одамна тлеел пожар, но никој не смеел да каже дека во рацете на Заев и Филипче партијата е претворена во PR-машина, а не во политичка организација.
2. ВЕНКО ФИЛИПЧЕ – ЛИДЕРСТВО НА ДАЛЕЧИНСКО ПОД ДИКТАТ НА ЗОРАН ЗАЕВ

Филипче се обидува да игра улога на смирен, технократски и „обединувачки“ лидер, но политиката не ја водат хируршки ракавици, туку кичма.
А токму тоа недостига.
Секој што ја знае внатрешната динамика во СДСМ го гледа следново:
– Филипче не води, Филипче извршува.
– Заев мобилизира, Филипче само испорачува.
– Одлуките не се носат во Централниот одбор – туку таму каде што свири музиката.
А токму оваа слика беше јасно видлива и во Дубаи – симбол на декаденцијата на едно пропаднато раководство кое под влијание на „шефот“ игра и пее на командата „И тебе сам сит кафано“.
И сега тој ист Филипче, чија политичка тежина потекнува исклучиво од Заев, треба да „реформира“ партија?
Не.
Ниту може, ниту смее.
3. СПАСОВСКИ КАЖА ПРЕД ЛИДЕРОТ: „ОВИЕ РЕЗУЛТАТИ СЕ ДНО“

Ова е клучот.
Нема човек во СДСМ што до сега се осмелил на вакво нешто: директно, во очи, пред лидерот да каже дека резултатите се катастрофа.
Тоа не е бунт. Тоа е политички реализам, одговорност, па и чест.
Филипче никогаш не би го направил тоа, затоа што тој не е водач.
Тој е проект. Амбалажа. Маркетинг.
И токму затоа партијата е денес каде што е.
4. СПАСОВСКИ КАКО ПОЛИТИЧКА КИЧМА: ДВАТА МОМЕНТИ ШТО ГИ ПОКАЖУВААТ НЕГОВИТЕ ПРИНЦИПИ

Има два моменти кои бездруго ја покажуваат разликата помеѓу Спасовски и сегашните „декоративни лидери“ во СДСМ.
4.1. Спротивставувањето на бугарските клубови во Битола и Охрид
Ова не го направи ниту Филипче, ниту Заев, ниту нивните „патриотски“ гласноговорници.
Спасовски го бранеше државниот интерес во момент кога целата партија беше на колена пред притисоците, внатрешни и надворешни.
4.2. „Казната“ – следење и прислушкување
Кога патриот ќе се спротивстави на партиски шефови кои се навикнати на апсолутна послушност, казната е секогаш иста.
Се праќаат служби, се прават досиеја, се бара „контрола“.
Сценариото е старо и препознатливо.
5. АФЕРАТА СО ПАСОШИТЕ – ПРАШАЊЕ ШТО ЌЕ МОРАТ ДА СЕ ОДГОВОРИ

Спасовски не смее да биде обвинет без докази, но мора јавно да се постави прашањето:
Дали ова беше негов проект – или наредба од Заев и Ковачевски?
Зашто во секоја држава се знае:
„Врзи го коњот каде што газдата ќе ти нареди.“
Системот функционира така: министерот спроведува, но политичката насока ја диктира премиерот и партискиот шеф.
Овде прашањето е политичко, не криминално:
кога ќе се отвори последната фиока од оваа приказна, чиј потпис ќе стои таму?
6. РЕЗУЛТАТ: СПАСОВСКИ ГО РАЗГОЛЕ ЗАЕВИЗМОТ ВО СДСМ, БЕЗ ДА ПРАВИ ДРАМА

Она што ја плаши тројката Заев–Филипче–Ковачевски е следното:
не што Спасовски зборува, туку како зборува.
Спокојно. Прецизно.
Без омраза.
Без палење мостови.
И со тоа го прави своето сведоштво уште посилно.
Партијата не може да се врати со луѓе што лумпуваат по кафеани, туку со луѓе што имаат кичма и став.
7. ШТО ЗНАЧИ СЕ ОВА ПОЛИТИЧКИ?

– Дека СДСМ има длабока криза на идентитет.
– Дека Заев се’ уште владее од сенка.
– Дека Филипче е лидер само на хартија.
– И дека Спасовски е првиот што се осмели да го скрши молкот.
Ова не е малициозен бунт.
Ова е освежувачки знак дека во СДСМ се’ уште има луѓе што знаат да кажат „не“ кога тоа е потребно.
ФИНАЛЕ:
СПАСОВСКИ ЈА ОТВОРИ ВРАТАТА, ДАЛИ ДРУГИТЕ ЌЕ СЕ ОСМЕЛАТ ДА ЗАЧЕКОРАТ?
Понекогаш тишината на чесниот е најсилниот крик против неправдата.
Оливер Спасовски со својата постапка, мирна, без врева, без емоционални изливи, покажа дека во СДСМ има анатомија на распад, но и попат потенцијал за прочистување.
Кога лидерот е слаб, кога партијата е заложник на „далечинско управување“, кога стратегиите доаѓаат од позадина, а не од институции – тогаш само луѓе со р’бет можат да ја кренат завесата.
Спасовски ја крена.
Сега се чека:
Дали СДСМ ќе ги слушне тие што молчат, или ќе продолжи да игра како што ќе запее Заев?

