Николоски: Одамна имаме заслужено да ги почнеме преговорите за членство, ЕУ да постави јасна визија за Македонија

Македонија

Македонија одамна има и заслужено да ги почне преговорите за членство во ЕУ, па затоа Унијата треба да изврши притисок врз оние што го блокираат процесот на проширување, со цел тој да продолжи, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА во Брисел, каде учествуваше на „Самитот ЕУ-Западен Балкан“ во организација на тинк тенкот Пријатели на Европа.

Николоски нагласи дека на Самитот одредени европски челници и дипломати „доста храбро“ признаа дека процесот на проширување е пред сè политички, а дури после тоа доаѓа исполнувањето на реформите, критериумите или заслугите.

Паралелно имаме веќе најдобра индикативна понуда за финансирање на проектот, а во скоро време ќе влеземе и во процес на изборен изведувач. Така што очекувам процесот да оди со оваа динамика.

Значи подготвителните работи се веќе започнати, а она што за граѓаните е визуелен почеток на работа, да видите машини на терен, тоа очекувам да се случи некаде летото.

Да останеме на пругите. Го потпишавте договорот за изградба на меѓуграничниот железнички тунел со Бугарија на Коридорот 8. Кога може да очекуваме старт на работите, но и кога ќе можеме со воз да патуваме од Скопје до Софија?

-Па, се надевам во 2031 година, ако и Бугарија работи со динамиката којашто ја добив како ветување од бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт. Се надевам дека 2031 е датумот.

На наша страна ние веќе ја завршивме првата секција којашто оди од Куманово до Бељаковце. Бељаковце-Крива Паланка, се работи интензивно во моментов. За третата делница веќе почнуваме подготовки за да објавиме тендер. Веќе беше објавена информација на европскиот сајт за тендерски процедури, каде што очекуваме да се пријават што повеќе заинтересирани компании.

Така што, тоа е нешто што е добро. И очекуваме во тек на месец декември, најдоцна во тек на месец јануари, веќе да имаме објавен тендер, и за надзор и за изведба, односно за работа.

За време на престојот во Брисел најавивте средба и со бугарскиот колега Гроздан Караџов.

-Да. На состанокот на Tранспортната заедница ќе бидат министри од различни држави. Очекувам да го продолжиме дијалогот со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов.

Човекот навистина храбро влезе во целата оваа работа и е насочен кон реализација на проекти. Така што, убеден сум дека ќе имаме еден конструктивен дијалог којшто ќе оди во насока на продолжување на она што направивме во Ѓуешево, а тоа е потпишувањето на меѓудржавниот договор за реализација на меѓу граничниот тунел, којшто треба да ги спојува двете држави.

Колку сте задоволни со динамиката на изградбата на автопатот Кичево-Охрид и на автопатиштата што ги гради „Бехтел и Енка“? Ќе можеме ли наскоро да очекуваме пуштање во употреба на нови автопатски делници?

-Да. Очекувам околу Нова година да биде ставен во функција еден нов дел од автопатот Охрид-Кичево. Таму работата се придвижи. Тоа беше напуштен проект, заборавен проект. Проект од којшто сите се имаа откажано и проект еве којшто го задвижуваме и којшто го гледа светлото на крајот на тунелот, односно гледа сопствена реализација.

Исто така, во моментов заедно со Европската банка за обнова и развој работиме на избор на изведувачи. При крај сме на делот којшто оди од Кичево до Букојчани. Букојчани-Гостивар или популарната Стража, веќе се работи активно. Пробиени се 17 од вкупно 32 километри.

Понатаму, исто така, активно се работи и Гостивар-Тетово, како и најдолгиот автопат којшто Македонија го гради и најдолга секција којашто Македонија кога било ја изградила во еден проект. Тоа е автопатот Прилеп-Битола, во должина од 40 километри. Се работи, а за многу брзо време ќе излеземе со решение и за делот којшто оди од Прилеп до Фариш. Затоа што, Градско-Дреново-Фариш го пуштивме. Што значи дека за многу скоро време ќе имаме целосно автопатско решение до Прилеп и до Битола.

Колку овие инфраструктурни проекти имаат одраз врз градежништвото?

-Многу, и допрва ќе имаат. Јас очекувам двоцифрени бројки на раст во градежништвото. Веќе следната година очекувам во градежништвото да имаме над 10 проценти раст, што целосно ќе ја промени економската слика во Македонија.

Да се префрлиме на воздушниот сообраќај. Може ли наскоро да очекуваме некои новини во авиосообраќајот? Нови дестинации од македонските аеродроми?

-За една година успеавме да отвориме 21 дестинација, што за мала држава како Македонија и за само два аеродроми е многу. Очекувам од мај месец да се отворат Краков и Вроцлав за Охрид. Исто така, „Аустријан Ерлајнс“ да почне да лета од Виена директно за Охрид.

Тоа се три работи коишто се договорија, а веќе сега од февруари месец „Флај Дубаи“ да лета Скопје-Дубаи.

До каде сме со примена на „Уан стоп шоп“ системот и меѓуграничната соработка за олеснување на транспортот на луѓе и стоки?

-При крај сме со избор на изведувач за еден проект којшто се нарекува „Њу Сингл виндоу“, што го работиме заедно со Светската банка.

Наједноставно кажано, тоа ќе значи дека превозниците особено оние во товарниот сообраќај, оние коишто вршат камионски превоз, нема веќе да треба да застануваат на границите, доколку ги исполнуваат сите услови и ќе можат електронски да ги пополнат сите документи коишто се потребни. Тоа ќе биде проверувано од институциите. И доколку институциите речат дека тоа е тоа, тогаш ќе можат да поминуваат.

Истото го воведуваат и Албанија и Србија во прва фаза, а од втора фаза Косово, БиХ и Црна Гора. Што значи, доколку некоја стока се натовари на пристаништето во Драч, ќе може да оди до Нови Сад без да застанува на граници.

Почнавме со ЕУ, па и да завршиме. Како оди имплементацијата на обврските од Планот за раст и Национална транспортна стратегија?

-Добро е, задоволни сме. Навистина сме задоволни. Во делот на Планот за раст се она што можеме да реализираме го реализираме, а додека во делот на Националната транспортна стратегија, очекувам на 5 декември да излезат бројките за третиот квартал.

Мислам дека истите се добри. За првата половина на оваа година споредено со првата половина од претходната година, растот во делот на транспортот и логистиката е 6,1 процент, што е далеку над просекот на раст во државата. Градежништвото е уште повисоко на девет проценти.

Што значи дека овие три сектори, градежништвото, транспортот и логистиката, се оние коишто ја движат македонската економија.


Please follow and like us: