Албанија планира да отвори 20 прифатни центри за мигранти во следниве две години

Регион

Албанија планира да воспостави 20 прифатни центри за менаџирање на протокот на мигранти во земјата во текот на следниве две години, пренесува Анадолу.

Се нагласува дека во Албанија е предвидено формирање прифатни центри со фокус на мигранти од Авганистан, Пакистан, Иран, Сирија, Либан и Газа, кои ги користат Албанија и Србија како транзитна траса кон Грција.

Според официјалните документи објавени на веб-страницата на Агенцијата за поддршка на локалната самоуправа на Албанија, во период кога миграциските феномени добиваат сè поголеми размери и влијаат врз социјалните, економските, политичките и културните димензии на многу земји, Албанија како земја во Западен Балкан не е исклучена од овие случувања.

Во документот „Извештај за нацрт-одлуката за одобрување на Националниот план за непредвидени ситуации за мешани миграциски текови за 2026-2028 година“, се наведува дека овој план има цел да ги подготви сите централни и локални институции и структури за успешно справување и управување со кризата на мешани миграциски текови, за кои се очекува да се зголемат, на границите и територијата на Албанија.

Според предметниот документ, планот предвидува формирање на повеќе од 20 центри или прифатни објекти во три региони, во Корча, Ѓирокастро и Валона.

Исто така, се наведува дека нацрт-законот има цел да обезбеди исполнување на барањата на мигрантите за преместување, евакуација, комуникација, итно сместување, помош со храна, здравствена заштита и психосоцијална поддршка.

„Нацрт-законот е изготвен како одговор на вонредната миграциска ситуација во регионот, која ја погоди и нашата земја. Миграциските текови кон Европската Унија (ЕУ) тесно се поврзани со несигурноста во земјите на потекло и транзит, како што се Авганистан, Пакистан, Иран, Сирија, Либан и Газа. Овие региони продолжуваат да бидат извор на миграциски движења. Мигрантите што пристигнуваат во овој регион често минуваат низ Западен Балкан, со две главни миграциски траси: централната траса низ Србија и трасата низ Албанија“, се нагласува, меѓу другото, во документот.

Исто така, се нагласува дека нацрт-законот ги поддржува целите на Глобалниот договор за бегалци, обезбедувајќи сеопфатен пристап кон заштитата на бегалците, со фокус на нивната безбедност и достоинство.

Според албанските власти, националната имиграциска политика на Албанија има цел да управува со миграциските текови и да ги гарантира правата на мигрантите.

Please follow and like us: