Колумна на Слободан ТОМИЌ – Кога радикализацијата не вика, туку те повикува: Како довербата стана најмоќното оружје во дигиталната регрутација

Македонија

Пишува: Слободан ТОМИЌ

Слободан ТОМИЌ

„Најопасните идеи не доаѓаат со сила, туку со чувство дека некаде припаѓаш.“

Хана Арент
Хана Арент

Радикализацијата денес нема лице на страв.Нема бомба.Нема униформа.Таа има порака.Има симбол.Има QR-код.И токму затоа е поопасна од било кога досега.Додека државата подготвува нов закон за следење на онлајн радикализацијата, на терен веќе функционира нов модел на регрутација, тивок, трпелив и психолошки прецизен.
Тоа не е регрутација преку закана, туку преку припадност.

ТИВКИОТ ПАТ КОН ЕКСТРЕМИЗМОТ

На јавни места се појавуваат плакати со духовни пораки.Мотиви за надеж.Пораки за смисла.Ништо агресивно. Ништо спорно.И еден QR-код.Наивен гест.Рутинско скенирање.Љубопитност.Но тоа е првата врата.По неа следи влез во Телеграм-групи, затворени форуми и „заедници“ кои на почетокот нудат разбирање, поддршка и внимание.Никој не зборува за насилство.Никој не зборува за тероризам.Се зборува за неправда.За понижување.За изгубена смисла.Радикализацијата не почнува со идеологија.Таа почнува со емоција.

СТАТИСТИКАТА КОЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ ИГНОРИРА

Податоците на Министерството за внатрешни работи не се случајни бројки.Тие се безбедносен аларм.

Во 2024 година е регистриран рекорден број кривични дела поврзани со омраза и радикализам, а трендот продолжува и во 2025 година.
Тоа значи едно:радикалните структури не исчезнуваат,тие се адаптираат.

АСИМЕТРИЧНИ АКТЕРИ ВО СВЕТ БЕЗ ГРАНИЦИ

Експертите по безбедност предупредуваат дека асиметричните актери се далеку побрзи од институциите.Тие не чекаат закон.Тие не чекаат стратегија.Тие ги користат технологиите што секојдневно ги користиме сите, социјални мрежи, апликации, игри.
„Овие технологии не се создадени за безбедност, туку за удобност и комуникација. Во нивната двојна намена, тие овозможуваат заобиколување на сите класични безбедносни механизми“, предупредуваат безбедносните аналитичари.
Државите реагираат.Но радикалните мрежи секогаш се чекор пред нив.

ЗАКАНАТА ВЕЌЕ НЕ Е ТЕОРИЈА

Претседателот на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам, Павле Трајанов, јавно потврди дека кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година е разоткриена група што подготвувала терористички акти базирани на идеологијата на 
Исламска држава.Ова не се симулации.Ова не се сценарија.Ова се реални, спречени закани.

ЗАКОНОТ МОРА ДА ПОМОГНЕ, НО НЕ СМЕЕ ДА ГО ЗАДУШИ ОПШТЕСТВОТО

Новото законско решение за следење на онлајн радикализацијата е неопходно.
Но професорот Методија Хаџи-Јанев предупредува:
„Потпирањето исклучиво на алгоритми е опасно. Без човечка контрола, се ризикува преминување од безбедност во надзор, а од надзор, во нарушување на човековите права.“Безбедност без балансе пат кон општество на сомнеж.

ВЕРСКИТЕ ОБЈЕКТИ, ЧУВСТВИТЕЛНА ЛИНИЈА

Истражувањата покажуваат дека некои верски објекти остануваат слаба точка во системот на превенција.
Недостатокот на целосна институционална контрола создава простор што радикалните структури знаат да го искористат.Молчeњето не е неутралност.
Молчeњето е празен простор што некој друг ќе го пополни.

ЦРВЕНОТО КОПЧЕ, МАЛА АКЦИЈА, ГОЛЕМА ПРЕВЕНЦИЈА

Во борбата против тивката радикализација, најмоќно оружје е навремената реакција.
Затоа МВР апелира до граѓаните да го користат „Red Button“, можност за анонимно пријавување на сомнителни содржини.Зашто радикализацијата не почнува со напад.
Таа почнува со порака што некој ја примил,и никому не ја пријавил.

ФИНАЛЕ:

Македонија не е во војна.Но Македонија е на тивок безбедносен фронт.И тука не победува оној што има повеќе оружје,туку оној што побрзо ќе го препознае повикот што не вика.Ако го игнорираме шепотот денес,утре можеби ќе го слушнеме ехото,кога веќе ќе биде доцна.

Please follow and like us: