Пишува: Слободан ТОМИЌ

„Големите сили не преговараат за мир – тие преговараат за простор, ресурси и иднина.“
Халфорд Макиндер

ДИПЛОМАТСКИОТ УДАР ВО ДАВОС

Давос 2026 не беше економски форум. Беше геополитичка аукција.
И таму, пред очите на светот, Доналд Трамп покажа дека царините не се економска алатка, туку оружје.
Оружје за принуда, за порамнување, за отворање врати што Европа тврдоглаво се обидуваше да ги држи затворени.
Повлекувањето на царините не е отстапка, тоа е сигнал дека целта е постигната.
ЦАРИНИТЕ КАКО ПОЛИТИЧКА ПАЛКА
Заканата со казнени царини кон осум европски држави беше класичен пример на трансакциска дипломатија.Не трговија за пари, туку трговија за територија, влијание и воена архитектура. Европа беше ставена пред јасен избор: или американска безбедносна доминација на Арктикот, или економска војна. Давос покажа дека Европа трепна прва.
ГРЕНЛАНД ОСТРОВОТ ШТО ГО МЕНУВА СВЕТОТ

Гренланд одамна не е географија. Тој е шаховско поле. Арктикот е идниот Блиски Исток, но со мраз, ретки минерали, енергетски коридори и воена предност. Со „рамковниот договор“, Трамп јасно порача: не ми треба формална анексија, ми треба функционална контрола. Воени бази, ракетни системи, логистика, пристап сè под чадорот на НАТО.
ЗЛАТНАТА КУПОЛА И ВОЕНАТА МАПА НА УТРЕШНИНАТА
„Златната купола“ не е одбранбен систем. Таа е нова воена доктрина. Без Гренланд, таа е половична. Со Гренланд ,нк таа е глобална. Затоа Трамп не зборува за цена, туку за „вредност на безбедноста“. Тоа е јазикот на империите, не на дипломатијата.
МАРК РУТЕ АРХИТЕКТОТ НА ПРИТИСОКОТ

Марк Руте не беше набљудувач. Тој беше посредник, легитиматор и олеснувач. Историјата ќе го запомни како човекот што знае како се туркаат „непопуларни решенија“ под знамето на колективната безбедност. За малите народи, тој јазик е добро познат. Принуда облечена во стабилност. Компромис претставен како неминовност.
НАТО – ОД СОЈУЗ ДО АЛАТКА

НАТО во Давос не зборуваше за вредности. Зборуваше за плаќање, проценти и гаранции. 5% од БДП до 2035 не е препорака тоа е ултиматум. Европа не е повеќе партнер, туку клиент,а , клиентот што плаќа, не прашува – прифаќа.
ЕВРОПА МЕЃУ СТРАВОТ И ПОСЛУШНОСТА

Европските лидери зборуваа за „почитување на народот на Гренланд“, но потпишуваа рамка што го става островот под де факто американски протекторат. Ова не е првпат Европа да жртвува периферија за мир во центарот Само што овојпат, цената е Арктикот.
ПРЕСЕДАНОТ ШТО ЌЕ СЕ ПОВТОРИ
Давос создаде преседан: економски притисок за безбедносно отстапување. Денес Гренланд. Утре нешто друго. Малите држави треба внимателно да гледаат. Кога големите се договараат, масата секогаш е поставена со туѓи територии.
ТРГОВИЈА СО ИДНИНАТА
Трамп си замина од Давос со сè што сакаше: без царини, со рамка, со НАТО зад себе. Европа си замина со олеснување , но и со уште помалку суверен простор за маневрирање. Ова не беше победа на дипломатијата. Ова беше победа на силата.
СОВЕТ ЗА КРАЈ
Кога светот повторно се дели на сфери, малите народи мора да читаат меѓу редови, не меѓу декларации. Без сопствена стратегија, секоја „рамка“ станува кафез, а историјата сурово казнува оние што веруваат дека безбедноста им ја гарантираат туѓи договори.





