Доделено признанието „Остенов уметник на 2025“ на Блаже Крстаноски-Блажески

Култура Македонија

Во организација на Остен, годинава по 80-ти пат се одбележува традицијата на оваа реномирана уметничка институција (1945–2025), а признанието „Остенов уметник на годината 2025“ му е доделено на Блаже Крстаноски – Блажески.

Блаже Крстаноски – Блажески е уметник кој живее и твори во Сиднеј, Австралија, а по потекло е од Македонија, од регионот на Дебрца. Неговото творештво претставува спој на македонската културна традиција и современите ликовни текови во Австралија. Долги години активно создава на австралиската уметничка сцена, реализирајќи самостојни и групни изложби, при што неговите дела се препознатливи по изразената експресивност, симболиката и специфичниот авторски ракопис. Во неговиот опус се застапени слики, цртежи и објекти, а темите често се инспирирани од идентитетот, миграцијата и духовното наследство.

По тој повод, ќе се одржи групна изложба на слики, цртежи и објекти, на која покрај лауреатот ќе учествуваат и еминентни уметници од македонската ликовна сцена: Жанета Вангели, Мице Јанкуловски, Синиша Кашавелски, Свето Манев, Миро Масин, Ристо Мијацоски, Томе Мишев, Данчо Ордев, Станко Павлески, Ирена Паскали, Симонида Филиповска Китаноска и Роберт Цветковски.

Во рамки на настанот, Ана Трајковска ќе ја добие наградата за млад уметник од Фондацијата Јанкуловски.Изложбата ќе биде отворена од 19 февруари до 3 март 2026 година, со свечено отворање на 19 февруари во 12 часот. Настанот претставува значаен културен момент, кој ја потврдува улогата на Остен како еден од најважните промотори на современата ликовна уметност во Македонија и мост меѓу домашната и дијаспорската уметничка сцена.

Please follow and like us: