ЈЗУ ,,Свети Стефан“ возвраќа: Обвинувањата се еднострани и неосновани, нема да дозволиме нарушување на угледот на институцијата

Охрид

Јавната здравствена установа „Свети Стефан“ – Охрид одржа прес-конференција на која раководството и дел од медицинскиот тим се осврнаа на наводите што изминатиот период се појавија во јавноста, а кои се однесуваат на д-р Виолета Мојсоска Наумоска, како и на работењето на установата.

Од болницата посочија дека информациите објавени во дел од медиумите се, како што наведоа, еднострани и не ја одразуваат целосната фактичка состојба. Според нив, институцијата останува посветена на професионалните стандарди и на зачувување на угледот на кардиолошкиот центар.

Спор околу грант за обука

Во однос на грантот за едногодишна едукација во Италија, доделен од меѓународна кардиолошка асоцијација, од установата информираа дека не биле официјално запознаени со апликацијата ниту, како што тврдат, биле побарани препораки од страна на надредено лице или ментор во институцијата.

Оттаму додаваат дека за доделувањето на грантот дознале преку медиуми и социјални мрежи, по што испратиле барање за дополнителни појаснувања до организаторите на програмата. Од болницата нагласуваат дека ваквиот чекор претставува институционална комуникација и не значи укинување или повлекување на грантот.

Наводи за авторство на научен труд

Во рамки на прес-конференцијата беа изнесени и тврдења поврзани со авторството на научен труд презентиран на меѓународен кардиолошки конгрес во Дубаи.

Д-р Манчевски изјави дека трудот што д-р Мојсоска Наумоска го презентирала на меѓународен кардиолошки конгрес во Дубаи не е нејзин авторска работа, туку дека првенствено е направен од него. Тој наведе дека докторката тогаш била само специјализант во тимот. Истовремено, спорот е предаден на Етичката комисија и други надлежни институции за понатамошно постапување.

Работен ангажман и професионален развој

Од „Свети Стефан“ информираа дека д-р Мојсоска Наумоска извесен период не била активно ангажирана на Одделот за интервентна кардиологија, при што посочија дека институцијата во изминатите години и овозможила учество на повеќе меѓународни стручни настани.

Д-р Мојсоска Наумоска била одсутна од одделот за интервентна кардиологија речиси три години, и тоа по краткиот период од шест месеци откако стекнала специјализација. Во меѓувреме, институцијата тврди дека и покрај објективни околности, и давала поддршка за учество на меѓународни професионални настани во Салцбург, Хамбург и Дубаи.

Повик за професионална и одговорна комуникација

Од раководството апелираа до медиумите и јавноста информациите поврзани со случајот да се пренесуваат со внимателност и почитување на професионалните стандарди, со цел да се избегне, како што велат, нарушување на угледот на здравствената установа и на медицинскиот кадар.

Институцијата најави дека за сите понатамошни постапки ќе ја информира јавноста согласно законските процедури.

Please follow and like us: