Николоски: Се распрсна лагата на СДСМ за „мигранти за пари“ – следуваат брза пруга и нови болници

Македонија

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека обвинувањата на СДСМ за наводен договор за прифаќање мигранти во замена за финансиска поддршка се покажале како неосновани, нагласувајќи дека станува збор за политички конструкции кои, како што рече, „се распрснаа како меур од сапуница“.

Според него, Македонија со Велика Британија има потпишано Договор за стратешко партнерство, како и договор „Влада со Влада“, чија цел е реализација на значајни инфраструктурни и развојни проекти во земјата.

Николоски оцени дека ваквата соработка претставува историски чекор за државата и можност за забрзан економски и инфраструктурен развој.

Тој посочи дека по демантирањето на обвинувањата, приоритет сега треба да биде спроведувањето на договорените проекти, кои, како што нагласи, се во интерес на граѓаните и развојот на државата.

Меѓу проектите кои се предвидени во рамки на соработката се:

изградба на брза железничка линија на рутата Табановце – Куманово – Скопје – Велес – Гевгелија – Солун,

изградба на нови болници во Штип, Тетово и Кичево,

продлабочување на соработката во областа на одбраната и сајбер-безбедноста.

Николоски истакна дека ваквите проекти имаат за цел да ја подобрат инфраструктурата и здравствениот систем, како и да ја зајакнат соработката меѓу Македонија и Велика Британија.

„Само кога се зборува вистината може да се стигне до целта – понекогаш потешко, но секогаш сигурно“, порача Николоски, додавајќи дека стратешкото партнерство со Велика Британија претставува основа за долгорочна соработка и продлабочување на пријателските односи меѓу двете земји.

Please follow and like us: