Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека за време на последната засилена акциска контрола за осум часа биле санкционирани 116 мотоциклисти во Скопје и дека се одземени три мотоцкли.

Контролата, како што се наведува во соопштението, била спроведена од 10 до 18 часот од полициски службеници од Одделот за безбедност во патниот сообраќај (ОБПС) при Секторот за внатрешни работи Скопје, а од вкупниот број санкционирани, најголем дел се казнети поради некористење заштитна кацига, додека 13 управувале мотицикл без положен возачки испит.
„Денеска (25.05.2026) во периодот од 10:00 до 18:00 часот од страна на полициски службеници од ОБПС при СВР Скопје и ОП СЕО беше спроведена засилена акциска контрола на територија на Скопје за санкционирање на прекршоци сторени од возачи на мотоцикли. При тоа санкционирани се 116 возачи, од кои 64 за некористење кацига, 13 за управување мотоцикл без положен возачки испит, три нерегистрирани мотоцикли и други видови прекршоци“,се наведува во соопштението.
Три мотоцикли, според МВР, се одземени поради сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик (КЗ), односно безобѕирно управување моторно возило.
Од ресорното Министерство велат дека акциските контроли ќе продолжат и во следните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот, особено мотоциклистите, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа да придонесат за побезбеден сообраќај.
Министерството за внатрешни работи објави и видео од полициските службеници како со мотоцикли се движат низ скопските булевари во рамките на спроведувањето на акциската контрола.

