Скопјанката Александра во Фејсбук објава сподели шокантно сведоштво каде среде бел ден се случил страшен чин на семејно насилство.
Во објавата таа раскажува како нејзината ќерка посведочила како насилник брутално тепал жена, ја давел, а рацете му биле крвави.
„Мојата ќерка се обидела да ѝ помогне на жената и го замолила да престане да ја малтретира. Со него имало уште еден маж, кој ѝ рекол: ‘Не се мешај, маж ѝ е, што сака нека ѝ прави’. Ќерка ми храбро му одговорила: ‘И да ѝ е маж, дали тоа значи дека смее да ја тепа?’“, пишува Александра во објавата.
Најстрашно е, вели таа, што никој од мажите кои поминувале не се осмелил да ѝ помогне на жената.
„Наместо тоа, насилникот се свртел кон ќерка ми и ѝ се заканил со навредливи зборови: ‘Таквите како тебе на к*р ги ставам’“, посочува скопјанката.
Александра побара од Министерство за внатрешни работи итно да преземе мерки.
„Насилството врз жени не смее да се премолчува, ниту да се оправдува со зборовите „маж ѝ е“. Денес била таа жена, утре може да биде било која“, порача таа.


